„Ситуацијата во БиХ е опасна за европскиот мир“
Германскиот министер за Европа, Михаел Рот пред денешната посета на Сараево изјави дека „сегашната ситуација во Босна и Херцеговина е фрустрирачка и претставува закана за мирот и стабилноста во цела Европа“.
„Повиците за отцепување и слабеење на државата со повлекување од државните институции се неодговорни и неприфатливи. Тие го оттргнуваат вниманието од вистинските задачи на политичката одговорност, а тоа се спроведувањето на неопходните реформи за приближување кон Европската унија. Итно е потребен напредок во оваа област во интерес на граѓаните на земјата и економскиот развој“ – вели Рот.
Германскиот министер во БиХ ќе се сретне со сите повлијателни политичари, а во фокусот на разговорите ќе бидат актуелната политичка ситуација и европската перспектива на земјата.