
Во организација на Фондацијата д-р Верица Механџиска, конференцијата ги обедини врвната светска наука, акредитираната клиничка едукација и директната поддршка за семејствата.



84 говорници и најнови светски научни сознанија
Научната тежина на конференцијата ја дефинираа 84 говорници, меѓу кои 27 реномирани експерти од САД, Холандија, Италија, Израел, Велика Британија, Швајцарија, Шпанија, Канада и регионот.
Во Скопје предаваа водечкиот тим на израелскиот Азриели центар, проф. д-р Јан Бојтелар, проф. д-р Стефано Паланти, проф. д-р Филипо Муратори, проф. д-р Андреас Милер и британскиот самозастапник и едукатор Крис Бонело.
Нивното гостување овозможи најновите светски достигнувања — од примена на вештачка интелигенција и рани биомаркери, до неинвазивна невромодулација и современа дијагностика — наместо да останат достапни само на скапи меѓународни конгреси, директно и бесплатно да им бидат пренесени на домашните стручњаци и семејства.



Науката преточена во практична поддршка
Паралелната програма се одвиваше во четири тематски сали — „Перспективи“, „Калеидоскоп“, „Рефлексија“ и консултативното катче „Фокус“ — со цел научните знаења веднаш да добијат конкретна примена.
· За родителите и семејствата: Директни разговори лице в лице со специјалисти за фармакотерапија, исхрана, комуникација и образовна инклузија.
· За здравствените работници: Современа клиничка едукација акредитирана од Лекарската комора.
„Со оваа конференција уште еднаш потврдивме дека вистинските промени почнуваат тогаш кога науката, практиката и личното искуство ќе се најдат во ист простор. Огромниот интерес и активните дискусии во сите четири сали покажуваат дека на нашето општество му се неопходни вакви отворени, достапни и стручни платформи што градат разбирање и поддршка. Сега ни преостанува информациите што ги слушнавме да ги преточиме во конкретни дела“, порача Викторија Механџиска, претседателка на Управниот одбор и коосновачка на Фондацијата.

На свеченото отворање на конференцијата присуствуваа министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

За Фондацијата д-р Верица Механџиска
Фондацијата д-р Верица Механџиска е посветена на унапредување на здравствената, образовната и социјалната поддршка за децата и лицата со аутизам и атипичен развој, преку донации на сензорни соби и опрема, поддршка на локални иницијативи и организација на меѓународни стручни и едукативни настани. Повеќе информации се достапни на www.fvm.com.mk.