Систина се закани, Кедев возврати: Тужбата е шанса да се расчисти состојбата во приватното здравство

Кардиологот Сашко Кедев денеска истакна дека тужбата, што претходно му ја најави Клиничката болница „Аџибадем Систина“, доколку не прецизира во која приватна болница се врши непотребно стентирање за профит, ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.

Интервентниот кардиолог Сашко Кедев во емисијата „Стадион“ изнесе сериозни обвинувања дека во одредени болници во Македонија се вршат непотребни хируршки интервенции врз пациенти, единствено со цел остварување профит.

„Голем дел од мојата консултативна работа е насочена кон одвраќање на луѓе од непотребни интервенции – непотребни стентирања, непотребни операции. Денес сме сведоци на нешто застрашувачко: интервенции кои се прават исклучиво за профит,“ изјави Кедев.

Тој додаде дека постои „пролиферација на приватни болници“ каде што примарниот интерес е профитот, а не здравјето на пациентите. „Имаме докази дека во одредени центри се вршат операции без вистинска медицинска потреба. Се отворале гради, се вршеле сложени хируршки зафати – и тоа без индикација. Во Англија или Америка вакви центри веднаш би биле затворени,“ нагласи кардиологот.

Кедев апелираше релевантните институции, особено Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, да преземат мерки, бидејќи и тие финансираат дел од ваквите интервенции. „Станува збор за многу сериозни етички проблеми поврзани со профитот,“ предупреди тој.

Со реакција се јави Клиничката болница „Аџибадем Систина“, потенцирајќи дека е здравствена институција со висок углед во државата и регионот, изградена во текот на изминатите 25 години, и дека болницата е дел од втората најголема групација на болници во светот и препознатлива по врвниот медицински тим од 260 доктори, кој на секој пациент му пристапува со професионалност, експертиза и целосна посветеност. Оттаму истакнаа дека одлуките за третман и интервенции се носат исклучиво со мултидисциплинарен пристап, базиран на медицински индикации и највисоки етички стандарди. „По повод изјавите на проф. д-р Сашко Кедев изнесени во емисијата „На врв на светот“ на Канал 77, во која се споменува од страната на новинарот името на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, остро ја осудуваме содржината и пораката на ваквиот јавен настап. Овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти. Ја уверуваме јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на „Аџибадем Систина“, затоа што нема основа. Бидејќи во изјавата, д-р Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараме точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава. Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на углед“, се наведува во реакцијата.

Кардиологот пак денес подвлече дека тужбата, која е најавена од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, доколку не специфицира во која приватна клиника се извршува неоправдано стентирање за добивка, ќе биде прилика конечно да се разјасни што реално се случува во македонскиот приватен здравствен сектор.

На молбата на МИА за можен коментар на заканата од „Систина“, д-р Сашко Кедев единствено ја проследи објавата, односно одговорот истакнат на Х профилот на Ганка Цветанова, каде што стои: „Оваа тужба ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство. Looking forward…“.

Во меѓувреме, Министерството за здравство извести дека веќе се координира за верификација на тврдењата изнесени во јавноста за евентуални непотребни медицински интервенции, како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосна слика. Тоа е потребно да се реализира преку стручен тим или тимови. Дополнително, како што е наведено, министерот за здравство Азир Алиу веќе објави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин – само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства. „Во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена. Почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите. Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите, а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем“, наведуваат од Министерството.