МПЦ-ОА ја прифати поканата на СПЦ за одржување литургија на помирување, утре во храмот „Свети Сава“ во Белград.
„Ја прифативме поканата од српскиот патријарх, односно Соборот на Српската православна црква за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на „Свети Сава“ – изјави денеска портпаролот на МПЦ – владиката Тимотеј.
Литургијата ќе почне утре во 9 часот, а српскиот патријархот Порфириј, како што наведуваат српските медиуми, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија.
Тимотеј денеска по состанокот на Светиот синод во врска со одлуката на СПЦ за прогласување канонско единство со МПЦ-ОА, посочи дека МПЦ на литургијата ќе ја предводи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и тројца митрополити во ранг најстарите, во придружба на неколку нивни соработници.
Изјави дека со ова се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви.
Владиката Тимотеј потенцираше дека до крајот на месецов очекуваат сите православни цркви да го прифатат канонското единство на МПЦ-ОА и да биде потпишан томосот од цариградскиот и српскиот патријарх.
„Сето ова што се случува е чекор напред. Ние баравме автокефалност“ – вели тој.