Извадено тело од Дунав, сомнежот е дека се работи за Матеј Периш!

Во Белград, кај кафулето „Ада Хуја“ утринава околу 9:30 часот е пронајдено тело на младо момче, за кое сомнежите се дека е Матеј Периш, хрватскиот државјанин од Сплит, на кого му се губи трагата на 31 декември минатата година.

Српски „Курир“ пренесува дека телото го забележал еден од морнарите по реката.

Еден од очевидците на местото каде било пронајдено телото раскажал дека морнарите го забележале безживотното тело заглавено под мостот и ја повикале полицијата.

„Ветрот го однесе телото до самиот брег, во близина на кафулето на Ада Хуја. Можевме јасно да видиме дека се работи за маж, иако телото беше во фаза на распаѓање. Сепак, јасно можеше да се види облека, фармерки, маица со апликација и бела патика“ – изјавил очевидецот.

Во џебот бил пронајден телефон, а на раката имал сребрен часовник.

Според изворите, телото било непрепознатливо поради тоа што долго време било во вода, но според конституцијата, по облеката, апликацијата на маицата, постои сомнеж дека се работи за Матеј Периш.

Хрватот исчезна од клубот „Готик“, во кој бил со пријателите за новогодишна прослава.