Фон дер Лајен: ЕУ не може да се потпре на Русија и треба да бара други извори за нафта и гас!

Урсула фон дер Лајен – претседателката на Европската Комисија го најави новиот пакет за масовни инвестиции во енергијата и одбраната во ЕУ, како одговор на руско-украинската војна. Првиот дел од предлог пакетот се однесува на стекнувањето независност од руските енергенси, нафтата и гасот пред сѐ.

Европската Комисија бара од земјите членки да дејствуваат на три полиња: штедење на енергија, набавка на енергенси од други добавувачи освен Русија и масовни инвестиции во обновливите извори на енергија.

За Фон дер Лајен ЕУ не може да се потпре на Русија за увоз и треба да бара други извори за нафта и гас. Ова значи и длабоки инфраструктурни промени за земјите членки, каде Европската Комисија ќе помогне.

За да им се помогне на земјите членки на ЕУ да се осамостојат од руската енергија, Европската Комисија планира да ги намали роковите за добивање дозвола за обновлива енергија.