
Грета Тунберг им даде голем поттик на македонските еко-активисти откако денеска им се придружи на блокадата против изградбата на мала хидроцентрала на реката Дошница на планината Кожуф.
Една од најпознатите светски активистки заигра и оро по доаѓањето на месноста Асан Чешма, по што ги сослуша оние кои протестираат веќе со недели и разговараше со нив.
„Слушнав за вашата борба и решив да дојдам да ве посетам. Секоја локална борба е и глобална. Сите овие битки против уништувањето на природата се поврзани и затоа секогаш ги поддржувам. Властите ги жртвуваат планетата Земја и еко-системите, па затоа е важно сите активисти да се поврзуваат на овој начин”, рече Тунберг.
Еко-активистите од целата држава повеќе од еден месец го блокираат патот кон скијачкиот центар на Кожуф и не дозволуваат да започне изградбата на хидроцентрала на Дошница, една од најчистите реки во државата.
Тунберг без претходни најави пристигна во Македонија пред два дена и прво го посети Социјално-културниот центар во Тетово. Вчера присуствуваше на дебата за Палестина и Газа во социјалниот центар „Дуња“ во Скопје. Тунберг дојде ден откако Собранието не изгласа испраќање хуманитарна помош во Газа, што таа го спомна во краткото видео што го објави на Инстаграм.
Дваесет и двегодишната Тунберг почна со климатскиот активизам на 15 години, редовно протестирајќи пред шведскиот парламент. Нејзините активности го покренаа глобалното ученичко движење „Петоци за иднината“. Неодамна беше дел од групата активисти кои се обидоа со јахта да ја пробијат израелската блокада на Газа и да достават помош, но беа пресретнати од израелската војска и приведени.
Мета