
Маск најави формирање на нова партија доколку биде изгласан предлог-законот на Трамп
Најголемиот донатор на Републиканската партија во САД, Илон Маск, повика на формирање на нова политичка партија и најави поддршка за противкандидати на речиси сите републиканци во Конгресот, доколку тие го изгласаат обемниот закон за трошење предложен од претседателот Доналд Трамп, или т.н. Big Beautiful Bill, пишува Њујорк тајмс.
Најголемиот донатор на Републиканската партија во САД, Илон Маск, повика на формирање на нова политичка партија и најави поддршка за противкандидати на речиси сите републиканци во Конгресот, доколку тие го изгласаат обемниот закон за трошење предложен од претседателот Доналд Трамп, или т.н. Big Beautiful Bill, пишува Њујорк тајмс.
Тоа беше директната, воинствена најава на Маск, дека ако овој предлог-закон биде усвоен, тој ќе ја формира „Партијата на Америка“.
„Ако овој луд закон за трошење помине, ‘Партијата на Америка’ ќе биде формирана веќе следниот ден“, напиша Маск во една од неколкуте објави во понеделникот до неговите 220 милиони следбеници на мрежата X. „Нашата земја има потреба од алтернатива на Демократско-Републиканската унипартија, за народот навистина да има ГЛАС“, додаде милијардерот.
До вечерта, Маск веќе вети конкретни чекори, најавувајќи поддршка за конгресменот Томас Маси од Кентаки, кој е еден од најгласните противници на предлог-законот. Иако неколку републикански фракции изразија загриженост во врска со законот, речиси сите членови на Конгресот од редовите на Републиканската партија, го поддржуваат.
Во еден момент, Маск напиша дека речиси републиканци во Претставничкиот дом и Сенатот „ќе ги загубат партиските избори следната година, дури и ако тоа е последното нешто што ќе го направам додека сум на Земјата“ – амбициозна задача дури и за најбогатиот човек на светот, кој во изборниот циклус во 2024 година донираше речиси 300 милиони долари на републиканските кандидати.
Маск, во својата кампања против законот, особено ги издвојуваше двајцата републикански пратеници кои се претставуваат како штедачи на буџетот – Енди Харис од Мериленд и Чип Рој од Тексас, членови на т.н. „Кокус за слобода“ во Претставничкиот дом. Исто така, се впушти и во јавна расправија со сенаторот Марквејн Мулин од Оклахома.
Додека Маск го критикуваше законот, Трамп возврати со закана дека ќе ги преиспита федералните субвенции кои ги добиваат компаниите на Маск, вклучително и Спејс екс.
„Илон веројатно добива повеќе субвенции од кој било човек во историјата, и без тие субвенции, веројатно ќе треба да ги затвори фирмите и да се врати дома во Јужна Африка“, напиша Трамп на социјалните мрежи во вторникот. „Без повеќе ракетни лансирања, сателити или производство на електрични возила – и нашата земја ќе заштеди БОГАТСТВО“, напиша Трамп.
„Можеби треба да побараме DOGE да го разгледа ова внимателно?“ додаде тој, алудирајќи на институцијата кој за владина ефикасност која до пред кратко време ја водеше Маск.
Односот на Маск со Републиканската партија отсекогаш бил нестабилен и краткотраен. Како долгогодишен демократ, тој почна да се идентификува со републиканците дури во 2022 година, а значајни донации почна да дава непосредно пред изборите во ноември. Неговиот јавен судир со Трамп во јуни годинава го забрза интересот за формирање на нова политичка сила. Во екот на тој конфликт, Маск постави анкета на мрежата X прашувајќи: „Дали е време да се создаде нова политичка партија во Америка која навистина ги претставува 80 проценти од граѓаните што се во центарот?“
Формирањето на одржлива трета партија би било голема задача, и засега нема знаци дека Маск или неговите советници навистина се подготвуваат да преземат конкретни чекори во таа насока.
Пред само пет недели, овој технолошки милијардер зборуваше со сосема поинаков тон најавувајќи дека „многу помалку“ ќе троши за изборите во 2026 година.