Се радувам да ви соопштам дека има нова варијантна! Не, не на вирус, бидејќи за тоа знам дека веќе сте информирани, а и воопшто не е нешто за радување. Туку велам дека има нова варијанта на држава – интернет држава. Се вика Плумија (Plumia) и секојдневно расте, а досега по бројност е приближно колку што има население една Канада на пример.
Добредојдовме во едно ново време, велат по многу нешта различно, несигурно, ризично, тажно… Но, јас би додал дека е и време кое нуди најмногу шанси, особено за младите и за оние кои имаат што поотворен ум без граници. Вака или така, за неколку денови ќе влеземе во третата година откако на 19.12.2019 година за прв пат се појави причината за светската пандемија – Ковид 19. И нема назад, нема по старо! Морам да го нагласам ова и тука бидејќи овие две години ретко се појавував на настани во македонскиот јавен и општествено-политички спектрум, но таму каде што бев присутен вложував драгоцена енергија за да „нацртам“ дека никогаш нема да се вратиме назад како во таа далечна 2019 година (да, далечна е, од некое друго старо време!). За жал многу често бев пречекан „на нож“ за тие мои ставови, кои не се воопшто паушални туку засновани на реалност која некои сега не (сакаат да) ја гледаат, а можеби ќе ја видат дури во втората половина на оваа трета декада од 21-от век…
Но, пред да зборуваме за таа сегашна реалност која забрзано граба кон обликување на нашата иднина, да се потсетиме на една претходна реалност во изминативе 30 години кога една од главните теми ни беше одливот на мозоци „brain drain”. А во меѓувреме, интересно ми е кога го следам наративот кој доаѓа од главно од ЕУ и од учесниците кои се во тие кругови и како почнуваат (не)намерно да зачестуваат со користење на терминот „brain gain” или прилив – враќање на мозоци во Македонија. Впрочем, така ми дојде и инспирација да го создадам и користам поимот „brain free” кој значи слободен, независен ум – ум без граници! Некои ќе речат што ли зборувам за ум без граници кога ова време ни покажа колку често државите носеа мерки за заштита, па бевме затворени во сопствените граници, ограничени, исфрустрирани…
Искрено, не знам од каде да почнам за да набројам колку многу шанси (ќе) нуди ова ново време за оние кои имаат и сакаат да имаат ум без граници. Сите тие шанси, доколку се добро искористени, ќе значат многу поубав живот особено на младите и многу побрз напредок на македонското општество. Како никогаш претходно, сега има шанса да работиме за која и да посакаме страна од светот, а да сме дома. И да не го заборавиме најважното, сега има шанса и за нас да работат од која било страна на светот, можност да создаваме меѓународни тимови, да имаме меѓународни соработници, а да сме физички дома или каде било на друго место во кое можеби некогаш само сме сонувале да живееме. И најважно, сега е лесно како никогаш претходно да добиеме (работна) дозвола. Не е за потценување фактот што ЕУ има помалку од 30 земји членки, во кои за да се преселевме до неодамна, мораше да исполниме строги услови за работни дозволи, а во 2022 година веќе извесно е заострување на правилата за слободно движење (независно од Ковид-19). Од друга страна пак, во периодов кога завршува 2021 година веќе има над 30 земји во светот, а дел од нив се и членки на ЕУ, коишто нудат многу поповолни услови за дозвола со цел работа на далечина (remotely working). Тој број постојано и брзо се зголемува за разлика од ЕУ која го комплицира процесот на проширување. Исто така, сега има и многу повеќе професии и работни места што практикуваат таков начин на работа за разлика од пред пандемијата. Најновите светски истражувања покажуваат дека овој тренд е во нагорна линија и дури и посочуваат дека тоа е голема шанса за помалите држави да си ги развијат побрзо своите економии, да си создадат еко систем кој порано можеле само да го сонуваат. Значи шансите се зголемуваат, а нам ни останува да одлучиме што ќе правиме со нив.
Но, за да може сите ние, а особено младите, да ги искористиме ваквите можности, најпрвин потребно е да разбиеме неколку заблуди што многу често се појавуваат во македонскиот јавен дискурс. Во оваа прилика ќе издвојам три од нив кои се важни за споделување во овој сегашен контекст.
Прва заблуда: Во Македонија сè уште е предоминантен ставот дека постарите генерации во секоја смисла се подобри од младите.
- За разлика од нас, во ЕУ и светот токму сега најмногу се става фокус на младите и на барање иновативни решенија за излез од здравствената и економска криза. Впрочем, тоа го отсликува и буџетот на ЕУ за 2022 година. А што отсликува македонскиот буџет?
Втора заблуда: Македонија или ќе оди по европскиот пат или ако се забави, тоа автоматски значи дека е антиевропски настроена.
- Мирослав Лајчак, словачки политичар и специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, летово на Европскиот форум Алпбах во Австрија кажа: „Ние немаме право да ги критикуваме, ниту пак да им забраниме на земјите од Западен Балкан да имаат какви било интеракции со трети страни од кој било дел на светот, од едноставна причина што и ние самите, како земји членки на ЕУ, имаме интеракција со тие трети страни. Затоа ние (ЕУ) мора да д дадеме подобра понуда за Западен Балкан од сите други заинтересирани страни во светот доколку сакаме да ги имаме во нашето семејство“. На овој негов став, дополнителна поткрепа е и фактот што целата ЕУ од една страна е стратешки партнер на САД и голем дел од земјите се членки исто така и членки на НАТО, а од друга страна склучува многу значајни договори со Кина (најчесто од економска природа).
Трета заблуда: Македонските млади може да успеат само преку добивање партиска книшка и на тој начин придонесуваат кон сè поголема партизираност на општеството и отселување на млади умови кои не го гледаат својот потенцијал тука.
- Ова е времето кога и политичарите, а особено сите оние кои се дежурни виновници за политички и општествени кризи и закочување на повеќето економски активности во државата, сè повеќе ќе бидат зависни од оние млади со независен и слободен ум „brain free”. Токму тие млади секојдневно ќе имаат сè поголемо светско знаење и искуство и сè повеќе ќе бидат ценети, вреднувани и влијателни во меѓународни рамки. А пак нашите политичари во тие рамки или воопшто ги нема или пак многу повеќе нè срамат, на тој начин потврдувајќи дека се главна алка и причина за синџирот од проблеми кој ни ги создаваат низ овие 30 години.
Затоа, ние младите нема како постарите генерации пасивно да чекаме да се врати некое старо време и повторно со декади да бидеме во транзиција. Не! Ние сме полетни и решени да ја искористиме секоја шанса и да се натпреваруваме со светот за да му покажеме дека и ние имаме квалитет. Всушност, отсекогаш сме го имале квалитетот, само поретко и потешко сме имале шанса да го прикажеме на светската маса која сега ни е многу полесно достапна. Затоа ќе продолжиме да развиваме слободни и независни умови. Тоа е пасошот кој ќе ја помине секоја граница!
Мирослав Драганов
Директор за продажба и маркетинг
WIDNET Solutions