За денеска попладне е најавена нова средба меѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука на која ќе се разговара за процентот на зголемување на платите.
По завчерашната нивна средба, Синдикатот соопшти дека на средбата закажана за денеска очекува да се постигне конечно усогласување на ставовите за ова прашање, како и за колективните договори за основно и средно образование и временска рамка за изработка, потпишување и нивна примена.
Ставот, пак, на МТСП кое медијатор во овој процес, е дека на учесниците на штрајкот работодавецот е должен да им уплатува придонеси и даноци од плата, утврдени со посебните прописи, на минималната основица за плаќање на придонесите.
Организаторот на штрајкот, пак, од свои средства да им обезбеди надомест на нето-плата за време на штрајк на работниците кои учествувале во штрајкот.
Преговорачките средби на Синдикатот со двете министерства се одржуваат во рамки на дополнителниот десетдневен рок за помирување, откако во неделата истече периодот од првите десет дена за мирно решавање на спорот со медијатор.
Генералниот штрајк кој почна на 11. април, беше ставен во мирување на 28 април кога СОНК беше известен од МТСП за законската одредба од најмногу 20 дена за помирување.
Синдикатот го организираше штрајкот со барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно да се усогласат со порастот на минималната плата, која од март е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.