Изминативе три дена работата на Собранието се одвива со најавената активна блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ оценија дека блокадата на опозицијата е неуспешна, но од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека таа е ефикасна и најавија нејзино продлжување се до постигнување на целта – одржување предвремени парламентарни избори.
„Блокадата на Собранието создадена од ВМРО-ДПМНЕ нема да доведе до предвремени парламентарни избори. Парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година“ – рече вчера на прес-конференција Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Тој најави дека ќе направат се што е во нивна можност, се што предвидува во Деловникот, Собранието да не биде блокирано.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, пак ги обвини пратениците од СДСМ дека не си ја заработуваат ниту платата, истакнувајќи дека во период од јули до декември минатата година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале трипати повеќе активности од тие на СДСМ. Според него, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и до сега се спротивставиле на сите штетни закони и не дозволиле нивно проаѓање во Собранието.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски кој пред почетокот на активната блокада во Собранието бараше да се одржи лидерска средба за одржување предвремени парламентарни избори, што не беше прифатено и вчера упати повик до премиерот Димитар Ковачевски, порачувајќи му „да се вразуми и да разбере“.