Претседателот на Србија – Александар Вучиќ уште синоќа се сретна со комесарот на Европската Унија за проширување – Оливер Вархеји, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи – Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина – Мирослав Лајчак.
По средбата Вучиќ изјави: „За нас ситуацијата е многу сложена и тешка, утре ќе биде уште потешко бидејќи вечерва е потврдено дека Косово ќе поднесе барање за членство во Советот на Европа. Тоа ни носи дополнителни турбуленции бидејќи ја користат украинската ситуација против Србија и добиваат многу повеќе, зборувајќи дека сме на страната на Русија, а се претставуваат како големи борци против рускиот фашизам. Ќе закажам седница на Советот за безбедност во следните 36 часа и ќе почнеме политички да реагираме. Нема да оди тоа толку лесно колку што стe замислиле. Ова нема да ви помине“.
Тој наведе дека Србија „никој нема да може да ја разбие со уцени и притисоци“.
„Ќе биде многу интересно. Што се однесува до нас, ситуацијата не е едноставна, но немаме каде, не можеме да излеземе од својата кожа. Мораме да носиме рационални одлуки. Сега во светот има апсолутна хистерија и не е добро да се истакнуваме. Нашата земја не е голема, но се надевам дека ќе успееме да го однесеме нашиот брод во помирни води. Тогаш сите проблеми со кои се сретнуваме ќе можеме да ги решиме во отворен разговор со нашите европски партнери, да можеме колку толку да инсистираме на разбирање на позицијата на Србија“ – кажа Вучиќ.