„Кога сме НАТО – не сме сами“ е пораката на министерката за одбрана – Славјанка Петровска во денешното обраќање на Денот за високи гости во рамки на воената вежба „Брз одговор 22“ што се одржува на Армискиот полигон „Криволак“.
„Она што денеска го видовме и на што бевме сведоци не беше пркос и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство, обединетост и на нашето сојузништво. Оваа вежба го дала одговорот на сите лажни вести и хибридни дејства кои имаат за цел нашата армија да ја прикажат како слаба, необучена и неопремена.
Ова денеска и она што се случуваше во текот на целата вежба е најдобриот демант и реален приказ за способноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија. На вежбата сите учесници ги покажаа своите капацитети за одлучно планирање, добар тренинг и заедничко и координирано дејствување. Покажаа дека совршено се разбираат се надополнуваат и оти заедно се посилни. Денеска беше пратена уште една важна порака – во НАТО нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подадена рака и сојузничка поддршка“ – истакна министерката за одбрана.