Воен командир од Украина, стациониран во опколената челичарница во Мариупол испратил повик за помош до најбогатиот човек на светот – Илон Маск.
Светските медиуми соопштуваат дека командирот на 36-та украинска маринска бригада – Сергиј Волина на Твитер му испратил порака на Маск со содржина:
„Помогнете ни да излеземе од Азовстал во трета земја. Кој, ако не Вие?“
Украинската единица со недели е под опсада во фабриката за челик „Азовстал“ во пристанишниот град Мариупол, додава дека отворил профил на Твитер специјално за да му се обрати на Маск.
„Велат дека доаѓате од друга планета за да ги научите луѓето да веруваат во неможното. Нашите планети се една до друга, јас живеам онаму каде речиси е невозможно да се преживее“ – пишува Волина.
Во подземните тунели во „Азовстал“ според украински извори има преку илјада борци, последните бранители на стратешки важното пристаниште.
Во последниве денови во јавноста излегуваат сѐ повеќе детали за страдањата на ранетите каде снемува храна, вода и лекови.