Фетаи: Од 50 функционери, само тројца поднесоа оставки – Алијанса на Албанците сè уште е во Владата

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи во интервју за ТВ 21 рече дека со одлуката да остане во власта не му кажал „не“ на лидерот на АА, Арбен Таравари, туку на планот кој, како што рече, не е план на партијата.

Не му кажав „не“ на Арбен Таравари, туку на планот кој не е план на Алијанса на Албанците – вели вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 коментирајќи го заминувањето на министерот за здравство Арбен Таравари од Владата. Фетаи, од друга страна, е дел од функционерите од редовите на Алијанса на Албанците кои одлучија да останат во власта.

Тој ја нарече „циркус“ седницата на Алијанса на Албанците предводена од Таравари на која присутните членови неодамна одлучија партијата да излезе од власта и да дејствува опозициски.

„Реков ’не‘ на одлуката што не е одлука, зашто не ја добила формата на одлука во партиските органи. Тоа не беше седница на претседателството, туку измислен формат во кој учествуваа членови на претседателството, функционери и претседатели на ограноци. Таков формат не постои никаде во статутот на партијата. Единствено надлежно тело за донесување вакви одлуки во АА е Собранието на партијата. Затоа решив да не легитимирам еден циркус“, рече вицепремиерот Фетаи во интервјуто за „Клик плус“.

Во интервјуто за ТВ 21, Фетаи вели дека АА сѐ уште е дел од Владата бидејќи, како што рече, од вкупно 50 државни функционери именувани на позиции од редовите на партијата, досега само тројца поднеле оставка.

„Учеството на АА во Владата го сочинуваат околу 50 државни функционери кои се именувани на одредени позиции – најмалку 50, можеби и повеќе. Од нив, според она што јас го знам, само тројца досега поднеле оставка. Тие тројца јавно излегоа, за другите не ми е познато дека некој се повлекол од Владата. Знам дека сите останати продолжуваат да одат на своите работни места“, додаде вицепремиерот.

Крилото на Алијанса на Албанците (АА) предводено од Арбен Таравари на 12 мај одлучи да оди во опозиција.