
Според Иран, четвртиот круг преговори со САД бил „сложен, но корисен“
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, на платформата „Икс“ соопшти дека преговорите им овозможиле на двете страни подобро да ги разберат меѓусебните позиции и да бараат реални начини за надминување на разликите.
Четвртиот круг на индиректни преговори меѓу Иран и САД во Маскат заврши, при што Техеран ги опиша разговорите како „сложени, но корисни“, јави иранската новинска агенција ИРНА..
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, на платформата „Икс“ соопшти дека преговорите им овозможиле на двете страни подобро да ги разберат меѓусебните позиции и да бараат реални начини за надминување на разликите.
„Иранските и американските преговарачи водеа сложени, но продуктивни разговори“, изјави тој, додавајќи дека следниот круг ќе биде координиран и објавен од Оман.
На преговорите учествуваа иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и специјалниот пратеник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кои ги предводеа своите делегации.
Разговорите, посредувани од министерот за надворешни работи на Оман, траеја неколку часа и се фокусираа на иранската нуклеарна програма и укинувањето на санкциите – клучни спорни точки меѓу Техеран и Вашингтон.
САД инсистираат Иран да ја запре нуклеарната програма, вклучително збогатувањето на ураниум. Виткоф пред преговорите изјави дека тоа е услов за напредок. Арагчи, пак, нагласи дека збогатувањето на ураниум, клучен дел од нуклеарната програма, не е предмет на преговори за Иран.