
Наскоро скопјани ќе имаат можност да се возат со градски воз, тврди Мицкоски
Според него, се работи за квалитетен проект на Министерството за транспорт којшто претставува чекор напред кон реформа во системот.
Mногу скоро скопјани и жителите на приградските населби околу Скопје ќе можат да го користат „Градскиот воз“ во Скопје, се надева премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, се работи за квалитетен проект на Министерството за транспорт којшто претставува чекор напред кон реформа во системот.
„Денеска зборуваме за градски воз, за пруга, Коридор 8, Коридор 10, модернизација, а пред една година немавме ниту една функционална карго локомотива и повеќе од 1.000 вагони кои што чекаа да бидат испорачни во средна Европа, за жал, беа вкотвени на пристаништето кај нашиот јужен сосед, во градот Солун или дел од нив мораа да бараат други рути за да ја избегнат Македонија, бидејќи немаше со која локомотива истите тие да бидат превезени. Таква беше состојбата, авиони за гасење пожар приземјени, бидејќи немаше сервис, локомитиви немаше, патнички возови немаше, неисплатени плати во ЈП Македонски шуми, Водостопанство и така натаму“, вели премиерот.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски минатата недела изјави дека очекува првата линија на „Градскиот воз” Зелениково – Драчево – Кисела Вода – Аеродром – Центар (Нова железничка станица) да биде во функција до крајот на годинава. Се работи, како што рече за голема инвестиција од педесетина милиони евра за сите три предвидени градски линии.