
Османи го обвини Мицкоски за редефинирање на државата, реагираа ВМРО и ВЛЕН: Сите знаат за собраниската Соба 16
Поранешниот министер за надворешни работи од ДУИ Бујар Османи преку порака на Фејсбук му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека како министер за надворешни работи не преговарал во свое име, ниту во име на една етничка група, туку на државата.
Поранешниот министер за надворешни работи од ДУИ Бујар Османи преку порака на Фејсбук му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека како министер за надворешни работи не преговарал во свое име, ниту во име на една етничка група, туку на државата.
„Кога Премиер на една земја јавно ќе го стави под знак прашалник легитимитетот на министер да преговара во име на државата – не поради неговиот мандат, туку поради неговото етничко потекло – тоа не е само навреда кон таа етничка заедница. Тоа е обид за редефинирање на државата како етнички монопол, спротивно на Уставот, спротивно на политичката реалност, и спротивно на самата европска идеја на мултиетничка демократија кон која тежнееме“, напиша Османи на Фејсбук.
Со писмото што го објави Османи, нема поголемо лицемерие од тоа тој да зборува за државни интереси, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Преговорите за етнички прашања што ги водел Османи биле тајни, без знаење на јавноста, во функција на теснопартиските интереси на ДУИ, а не за доброто на државата. Доколку навистина имал дозвола од институциите, прашуваме: од кои институции? Од сопартијците во Владата што ја водеше најкриминалната гарнитура во историјата на Македонија? Од Заев и Ковачевски? Тоа не е државен мандат. Тоа е мафијашка дозвола за тргување со иднината на Македонија“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВЛЕН пак, порачаа дека ДУИ нема културата на политичко однесување во опозиција.
-Човекот кој со години го мерка тронот на Али Ахмети се однесува како да е паднат од Марс, а не како да бил дел од сите Влади и прошетал еден куп ресори и секаде оставил скандали зад себе. Денес ги гледаме заробени во патетична паника, молејќи за власт како да е нивниот последен политички здив… Сите знаат дека во собраниската Соба 16, таканаречениот „Европски фронт“ – ДУИ се понижи до крај: понуди четири министерства и претседател на Собранието само за да влезе во Влада со ВМРО-ДПМНЕ“, велат од ВЛЕН.