Карпош ќе му помогне на Кочани за инспекцискиот надзор
Општина Карпош ќе ѝ помогне на Општина Кочани во делот на инспекцискиот надзор, со совети за прибирање приходи, во делот на урбанизмот, комуналната инфраструктура и во обидите да се привлечат инвеститори, да се отворат работни места и покрај трагедијата да не се дозволи раселување на жителите. Ова денеска го соопшти градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски по работната средба со в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски.

Тој најави дека деновиве дел од вработените на Општина Карпош ќе заминат за Кочани да им дадат помош на своите колеги во инспекцискиот надзор и во организирање на единиците за заштита и спасување.
Според Јакимовски, Општина Koчани во моментов функционира во несоодветни услови, окупирана од инспектори, полицајци и обвинители. Смета дека е многу исправно што в.д. градоначалникот на Кочани во оваа тешка ситуација бара помош од колеги градоначалници, како со совет, така и со кадровско доекипирање затоа штонеговата општина во моментов не функционира нормално. „Да помогнеме сите, не само Општина Карпош. Сите што можеме да помогнеме“, рече Јакимовски.
В.д. градоначалникот Крстевски рече дека Карпош е втора општина која ќе им помогне, по Општина Струмица. „Благодарение на Општина Карпош, ние првпат ќе добиеме инспектор за домување, кој е многу важен во овој момент. Следниот период приоритет ни е безбедноста во градот, зашто знаеме дека постојат уште објекти каде тлее таа опасност, која се надеваме дека нема пак да надојде. Ќе направиме сѐ за енергично да се справиме со истите проблеми и да успееме да се издигнеме од оваа ситуација во која се наоѓаме“, рече Крстевски.
Тој апелираше да се научи лекцијата и да се сменат навиките. „Македонија мора да ги смени сите лоши навики и да ја научи оваа скапа лекција и истите грешки да не се повторуваат во иднина“, потенцира Крстевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Крстевски појасни дека во Кочани има угостителски објекти кои се наоѓаат во станбено-деловен простор. Тој потсети дека потпишале меморандум со Општина Струмица, кои ќе им помогнат логистички во тој процес. Најави дека со помош на полицијата и со сите служби кои се во функција на државата ќе направат заедничка акција за зголемување на безбедноста.