Во Истанбул забележани 127 потреси, повредени 236 лица

Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди Истанбул. Најмалку 236 лица се повредени, соопштија официјални лица.

Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди во средата Истанбул. Најмалку 236 лица се повредени, соопштија официјални лица.

Епицентарот на земјотресот бил во областа Силиври во Истанбул, соопшти Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).

Земјотресот беше почувствуван низ Истанбул, дом на повеќе од 15 милиони луѓе, и во соседните провинции, поради што жителите во страв бегаат од зградите, јавува Анадолија.

Земјотресот се случил на длабочина од речиси седум километри и траел 13 секунди, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Кабинетот на гувернерот додаде дека 236 лица се повредени откако скокнале од височина поради паника.

Тие се хоспитализирани, но ничиј живот не е во опасност.

– Од 17 часот и 55 минути до денес се забележани 127 последователни потреси, од кои најголемиот бил со јачина од 5,9 степени – изјави Јерликаја.

Министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени Мурат Курум рече дека „досега се примени вкупно 378 пријави за структурни оштетувања врз основа на доверливи барања доставени до линијата за итни случаи“.

– Нашите тимови од Покраинскиот директорат за животна средина, урбанизација и климатски промени ги идентификуваа барањата за евакуација за девет куќи – додаде тој.

АФАД соопшти дека по проценката на извештаите добиени од Ургентниот центар 112, засега нема извештаи за жртви или материјални штети.

Агенцијата соопшти дека се мобилизирани сите релевантни институции и тимови за одговор, а во тек е скенирање на теренот за проценка на потенцијалните штети и обезбедување јавна безбедност.