
Акција на МВР и ОЈО ГОКК за сторени кривични дела на штета на Фондот за здравство
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК спроведува акција на повеќе локации низ државата поради основано сомнение за сторени кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство.
Доктори, членови на комисии во Фондот за здравство, адвокати и вешти лица се опфатени во акцијата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и МВР.
Неофицијално, станува збор за над 40 лица кои што се сомничат за проневери при аплицирање, добивање и користење помош за туѓа нега и инвалидски пензии. Утринава претреси се правеа во здравствени ординации, адвокатски канцеларии, но и во скопскиот клинички центар, како и во болниците во Тетово и Велес.
Од МВР ја потврдија акцијата и велат дека се работи за сомнежи за сторени повеќе кривични дела, со кои бил оштетен буџетот на Фондот за здравствено осигурување.
„Министерството за внатрешни работи во кооридинација со ОЈО ГОКК спроведува акција на повеќе локации низ државата. Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство. Со оглед на обемот на акцијата, повеќе информации ќе бидат споделени по нејзиното завршување.“ – Гоце Андреевски портпарол на МВР.
Од обвинителството повеќе детали најавија по завршувањето на акцијата. Според првичните информации, оваа акција е резултат на темелна истрага за незаконски активности што траеле со години. Преку прикажување на лажни дијагнози, осомничените овозможувале аплицирање, добивање и користење финансиска помош за туѓа нега, како и незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.