Вулин: Земји кои нè бомбардираа немаат морално право да бараат да воведеме санкции за Русија

Александар Вулин – српскиот министер за внатрешни работи вели дека земјите кои ја бомбардираа Србија немаат морално право да бараат од Белград да ѝ воведе санкции на Русија.

Тој во интервју за грчки „Еуроактив“ изјавува дека кога станува збор за војната во Украина, Србија го почитува територијалниот интегритет на секоја земја и затоа бара да се почитува и нејзиниот територијален интегритет.

„Не мислам дека земјите кои нè бомбардираа имаат морално право да бараат да се придружиме на нивната политика. Не смееме да заборавиме дека Европа не го реши кипарскиот проблем, а истовремено мисли дека може да реши други проблеми. Што се однесува до нас, почитувањето на меѓународното право би можело да почне од Србија. И мора да се почитува принципот на зачувување на границите и територијалниот интегритет“ – рече Вулин.

Тој оцени и дека западната политика која се води под слоганот „Русија мора да биде поразена“ нема да доведе до мир во Украина.

„Мислам дека во сегашната политика повеќе станува збор за тоа да се порази Русија, отколку да се создаде мир во Украина. А на тој начин не може да се создаде мир во Украина“ – кажа Вулин.