Пеш и со автомобили, попладнево вработените во Управата за водење матични книги го блокираат центарот на главниот град. Тие се во активен штрајк кој денеска го радикализираа во протест, за да го изразат незадоволството поради, како што велат, неисполнетите барања од надлежните институции.
Членовите на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги започнаа со протестот во 15 часот од паркот „Жена борец“, а завршија во 17 часот пред Министерството за правда, каде повторно ги упатија барањата на Синдикатот за потпишување колективен договор, линеарно зголемување на платите за 30 отсто и подобрување на условите за работа.
„Не ни дадоа никаква понуда за зголемување на платите. Само кажаа дека нема законска рамка, односно основа за исполнување на барањата“ рече Тони Милошески – претедател на Независниот синдикат на Управа за водење матични книги.
Министерот за правда Никола Тупанчески ги прими на разговор претставниците на Независниот синдикат на УВМК.
Од Министерството за правда, пак, велат дека состаноците и средбите ќе продолжат и во следниот период, а најавија дека прифатиле дел од барањата на Синдикатот.