(Видео) Проф. Здравева: Не беше прашање дали нешто вакво ќе се случи, туку кога и во каква форма

„Се надевам дека нема уште некое дно под ова дно, бидејќи на сето ова ситемското нефункционирање на системот или пропаѓањето, немањето на систем, не е нешто ново што сега ние одеднаш го откривме или го видовме. Свесни сме децении наназад дека работите не функционираат онака како што треба. Сведоци сме и гледаме кога законите не се спроведуваат. Некогаш реагираме погласно, некогаш сме потивки во тоа“, вели Здравева и додава дека не било прашање дали нешто вакво ќе се случи, туку кога и во каква форма.

„Она што како граѓанин можам да го кажам и забележам е дека политиката има поинакви функции. Комемораците не се дел од тие функции“, изјави во „Трилинг“, универзитетската професорка од Правниот факултет и претседателка на Хелсиншкиот комитет, Неда Здравева, говерејќи за тоа на кое сме сите сведоци – зошто се прави политичка комеморација?

Говорејќи за мировниот собир пред УКИМ и дали имаше потреба од злоупотреба на самоорганизираниот студентски собир и дали младите беа злоупотребени од страна на ректорката и министерката, Здравева вели дека чувството на секој наставник, професор, на сите оние коишто работат со млади луѓе е да се обидете на секаков начин да им дадете поддршка.

„Моето присуство таму, иако тоа беше еден од најтраорните настани на којшто јас сум присуствувала и таа слика е нешто што долго ќе го паметам, бев во таа функција – да молчам додека тие се собираат, да молчам додека тие зборуваат.

-Настанот беше најавен како час на платото на УКИМ. Присуството на ректорката мене не ми дојде чудно. Напротив, во одреден степен се израдував, колку може човек да се израдува во тие моменти, дека ете ректорската управа, Ректоратот ги поддржува иницијативите на младите колешки и колеги во академската заедница.

-Присуството на министерката е нешто сосема друго. Можам да ја разберам како професор, да има потреба да биде заедно со студеднтите, но не мислам дека на такви собирања местото е на министри, уште помалку да зборуваат“, вели Здравева.

Фото: Трилинг / Проф. Неда Здравева

Професорката и писателка Румена Бужаровска по одржаниот собир напиша: Наместо да се извинат за ова што се случи, за системска неправда што со децении не убива и кулуминираше во Кочани, оние што имаат власт во општеството, министри па и ректори го узурпираа гласот на младите, за нивните цели.

„Секоја власт се плаши и треба да се плаши од младите, заради тоа што младите се единствениот коректив на однесувањето на возрасните. Ако она што впрочем се прави во општеството колку се прави за тоа што го имаме денеска, веројатно уште повеќе се прави или треба да се прави за она што тие ќе го имаат утре.

-Реакцијата на власта е таква каква што е. Слушавме деновиве, во овие навистина тешки моменти, за различни влијанија, за различно однесување кон младите луѓе кои сакаат на самоорганизиран начин да го изразат своето жалење, не само за трагично загубените животи на млади луѓе, туку и за севкупната состојба во која се наоѓаме и сето она што се случи за ова на одреден начин да не биде спречено“, вели Здравева.

Говорејќи за тоа дали несовесноста, неодговорноста, алчноста, аматеризмот на речиси сите досегашни власти не доведоа во ситуација оваа трагедија да ни ги открие длабоките системски пропусти, Здравева со став дека ова е дното на сето ова.

„Се надевам дека нема уште некое дно под ова дно, бидејќи на сето ова ситемското нефункционирање на системот или пропаѓањето, немањето на систем, не е нешто ново што сега ние одеднаш го откривме или го видовме. Свесни сме децении наназад дека работите не функционираат онака како што треба. Сведоци сме и гледаме кога законите не се спроведуваат. Некогаш реагираме погласно, некогаш сме потивки во тоа“, вели Здравева и додава дека не било прашање дали нешто вакво ќе се случи, туку кога и во каква форма.

-Во зградите коишто немаат премин една меѓу друга за да може да влезе противпожарно возило или каде што се сите безобразно паркирани пред влезовите и да не може да влезе амбулантско возило или пак во локалите, угостителските објекти во кои не знаеме каква е состојбата со ПП заштита. Ние долго време сме сведоци и учествуваме во процесите дури и кога знаеме дека работите ни се случуваат онака како што треба да се случуваат.

Втората теза е дека ние не преземаме проактивни чекори. Кога велам Ние велам за сите нас како општество. Ние бараме реакција откако нешто ќе се случи. Ние не бараме активност за доследно, целосно, навремено, беспоштедно, непристрасно спроведување на законите.

-Дали постои законска регулатива којашто го уредува прашањето како треба да изгледа угостителски објект и кава опременост треба да има? Постои. Дали е спроведена? Не. Зошто не е спроведена треба да ги прашаме сите оние кои учествувале во спроведувањето на таа регулатива. Дали можело нешто да се направи претходно? Сигурно. Зошто не е направено треба да одговори постапката која ќе се води против тие лица. Како општество ќе ја научиме лекцијата за одговорност тогаш кога секој, ама навистина секој ќе одговора“, додава Здравева.

Фото: Трилинг / Проф. Неда Здравева

За тоа дека после ваква трагедија во развиени, демократски европски држави следува морална и политичка одговорност што во овој случај ја нема, Здравева вели дека прашањето на морална и политичка одговорност е растегливо прашање во нашето општество коешто е само огледало на тоа во која состојба ние се наоѓаме.

„Работите мора да ги поделиме и секој да си ги врши работите коишто според Уставот и законите му припаѓаат. Моето очекување како граѓанин е дека во секоја ситуација, секоја власт ќе инсистира законите да се спроведуваат онака како што се напишани. Да одговараат оние што треба да одговараат без да се случи катастрофа која ќе однесе 60 животи (да не го заборавиме вработениот во брзата помош) и сериозно ќе ги загрози животите на повредените, која што ќе уништи цел град и ќе зацрни цел регион. Тогаш е доцна. Но соочени сме со она со кое сме соочени и она што јас сега како граѓанин го очекувам е дека целокупниот систем ќе се стави во функција на одговорност на оние коишто се одговорни во ситуацијата и спречување на било каков следен ваков случај, вели Здравева.

Околу тоа дека преку моќта на емоциите, а сега премиерот создава надеж и вели дека ако треба од дома за уши ќе ги вадиме, дека нема враќање назад – или Македонија или мафијата, како и изјавата на Црвенковски во деведесетите за кратење на пипците на „октоподот“, и како сето тоа заврши, проф. Здравева вели дека ова не е ваков прв говор.

„Излегуваат со разно-разни емотивни обраќања, особено во тешки ситуации, дека – готово, ова е последно и никогаш повеќе. Но 35 години ја слушаме истата приказна и стигнавме до оваа ситуација. Не требаше ова да се случи за да кажеме дека законите ќе се спроведуваат онака како што треба. Не треба да чекаме вакви моменти за да ја покажеме нашата одлучност да се справуваме со општествените девијации. Таа одлучност треба носителите на функции да ја имаат во првиот момент кога ќе се нафатат да ја вршат таа тешка и одговорна задача, смета Здравева и додава дека ситуациите на помпи и апсења од пред десетина години очигледно е дека сѐ уште се реалност.

За тоа дали е возможно во оваа колективна трагедија да се управува со гневот на луѓето и да се релативизира одговорноста на власта, Здравева вели дека не знае како воопшто може да се управува со гневот, бесот, со тагата.

„Деновиве прочитавме експертски мислења за тоа како тоа се прави и што треба на граѓаните да им се овозможи, но не мислам дека во ваква ситуација треба да се вклучат т.н ПР машинерии и ако се вклучени мислам дека погрешно работат, заради тоа што секоја работа што е ставена под тепих на крајот излегува планина од којашто сите ќе се сопнеме. Граѓаните единствено бараат работите во оваа држава да функционираат – без привилегии за никого. Законите да важат за сите подеднакво, без разлика кој чиј е, од која партија и сл. При тоа морам да кажам дека се научивме да подзамижуваме или некои работи коишто се случуваат да ги сфаќаме – ете така е, се случува“, вели универзитетската професорка и претседателка на Хелсиншкиот комитет, Неда Здравева.

Целото интервју погледнете го во видеото.