
Калас: Со условите што ги поставува, Русија покажува дека не сака мир
Условите што ги претставија всушност кажуваат дека (Русите) не сакаат мир, затоа што она што го поставија како услови се сите нивни крајни цели што сакаат да ги постигнат со војната, истакна Калас пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ.
Европската Унија ги поздравува разговорите меѓу американските и украинските претставници во Џеда и резултатот од нив, но сега топката е на теренот на Русија и треба видиме какви услови ќе постави таа за прекин на конфликтот, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
– Условите што ги претставија всушност кажуваат дека (Русите) не сакаат мир, затоа што она што го поставија како услови се сите нивни крајни цели што сакаат да ги постигнат со војната, истакна Калас пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ.
Во врска со нејзината иницијатива за воена поддршка на Украина, Калас нагласи дека е добро што таа добива „широка политичка поддршка“, но дека сепак има детали на кои треба да се работи и околу тоа ќе се разговара на Советот за надворешни работи, но дека за предлогот ќе треба да се изјаснат и министрите за одбрана.
– Но, важно е дека (Европскиот) совет рече оти треба да се движиме брзо и тоа е она што го правиме, рече Калас.
Во врска со воведувањето на американските царини, Калас изјави дека иако тоа не е прашање во надлежност на министрите за надворешни работи, сепак предлозите се на маса за сите да разговараат за нив.
– Јасно е дека ако некој почне трговска војна против нас, ние ќе реагираме и ќе ги заштитиме нашите интереси. Но, тоа не е нешто што сакаме да го направиме, додаде високата претставничка на ЕУ.
Калас нагласи дека многу загрижувачко е насилството во Сирија, кое претставува „закана за надежта“ на земјата и затоа ЕУ работи со партнерите во регионот со цел состојбите да се движат во вистинскиот правец.
– Денеска ја имаме и конференцијата за Сирија, на која исто така ќе разговараме за тоа што можеме да направиме за Сирија, додаде Калас.
Таа најави дека министрите на денешната средба ќе разговараат и за укинување на санкциите кон Сирија со цел да се поддржат напорите на новите сириски власти.
– Ако има надеж за луѓето, тогаш има и помал хаос, а за да има надеж на луѓето, исто така, треба да им се обезбедат услуги, на пример, банкарски услуги. Затоа ќе разговара за укинување на санкциите, најава Калас.
Таа додаде дека тема на разговорите на Советот ќе бидат и случувањата во Газа, нагласувајќи дека ЕУ го поздравува Арапскиот план за обнова на Појасот и се обидува да помогнеме во неговата реализација колку што може.
Во однос на Грузија, Калас рече дека ЕУ е загрижена поради притворањата и апсењата со кои се врши притисок врз луѓето, како и поради поттикнувањето на насилство врз мирните демонстранти.