
Околу 1.300 новинари, продуценти и помошен персонал на Гласот на Америка добиле известување дека се испратени на принуден одмор, еден ден откако претседателот Доналд Трамп потпиша указ за укинување на Агенцијата за глобални медиуми на САД (УСАГМ).
Покрај Гласот на Америка, под оваа владина агенција спаѓаат и Радио Слободна Европа/Радио Слобода, Канцеларијата за емитување за Куба и Радио Слободна Азија.
Мајкл Абрамовиц, директор на Гласот на Америка, во соопштение на социјалните мрежи потврди дека студијата и редакциите засега не работат.
-Со голема тага констатирам дека за првпат по 83 години, легендарниот Глас на Америка се замолкнува, изјави Абрамовиц синоќа на неговиот личен профил на Фејсбук. „ВОА има потреба од внимателна реформа и постигнавме напредок во тој поглед. Но денешната одлука ќе го остави Гласот на Америка неспособен да ја извршува својата животна мисија“. Тој потврди дека е меѓу тие 1.300 лица кои се испратени на принуден одмор,
-Откажувањето на договорот за грант на Радио слободна Европа/Радио Слобода би било огромен подарок за непријателите на Америка, изјави за „Ен-Пи-Ар“ Стив Капус, претседател на Радио Слободна Европа/Радио Слобода.
„Иранските ајатоласи, кинеските комунистички лидери и автократите во Москва и Минск би го прославиле крајот на РСЕ/РС по 75 години постоење. Со тоа што им се предава победа на нашите противници тие стануваат посилни, а Америка послаба. Во историјата, РСЕ/РС имаше силна поддршка од обете политички партии (демократската и републиканската). Речиси 50 милиони луѓе од затворените општества, кои секоја недела зависат од нас за точни вести и информации, сега нема да имаат пристап до вистината за Америка“, изјави Капус
Со прекинот на работата на студијата, каналите на Гласот на Америка од вчера емитуваат само музика.
Најверојатното затворање на овие државни медиуми дојде по соопшението на Илон Маск на почетокот на февруари дека Гласот на Америка и Радио Слободна Европа биле водени од „радикални левичари“ и дека непотребно трошеле по една милијарда долари годишно, пари на даночните обврзници. Маск е близок соработник на Трамп и ги предвди напорите на админстрацијата за кратење на американската бирократија и непотребните трошоци за нејзино фунционирање.