Омерагиќ: ФФМ во финансиски минус од милион евра!

Претседателот Масар Омерагиќ беше единствениот кандидат за четиригодишен мандат на чело на ФФМ. Во својот говор на почетокот на работниот дел, Омерагиќ зборуваше за состојбата во федерацијата, како и за високото задолжување што го наследи од својот претходник.

Денеска се одржа Редовно изборно генерално собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). На собранието присуствуваа 65 од вкупно 66 делегати од општинските фудбалски сојузи и клубовите во рамките на системот на натпревари на федерацијата.

Претседателот Масар Омерагиќ беше единствениот кандидат за четиригодишен мандат на чело на ФФМ. Во својот говор на почетокот на работниот дел, Омерагиќ зборуваше за состојбата во федерацијата, како и за високото задолжување што го наследи од својот претходник.

„По речиси три месеци од преземањето на функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија, пред вас стојам со обврска да ви се обратам отворено, искрено и одговорно. Свесен бев дека ме очекуваат големи предизвици, но затекнатата состојба во федерацијата беше покомплицирана од очекуваното. Во изминатите две години федерацијата имала повеќе расходи отколку приходи. Ова е сериозен предизвик што укажува на потреба од подобро планирање, поголема контрола и појасна финансиска стратегија. Само во реалното работење, федерацијата е во минус од еден милион евра“, рече Омерагиќ.

Фудбалската академија, која треба да биде основа за развојот на фудбалот во Македонија, се соочуваше со сериозни проблеми, вклучувајќи недоволни услови за работа, непродуктивни трошоци и пробиен буџет. Според претседателот, нема доволно поддршка за младите таленти и не постои јасна стратегија за нивниот развој.

Мандатот на Масар Омерагиќ на чело на Фудбалската федерација на Македонија ќе трае четири години.