(Видео) Во Трилинг за (не)уставноста, за (не)дипломатијата и сајбер безбедноста

Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, проф д-р Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ и Божидар Спировски експерт за сајбер безбедност.

„Ако ги гледаме напорите од новата администрација на чело со претседателот Трамп, мислам дека се спрема теренот за примирје, односно за трајно решение кое ќе воспостави мир во тој дел од светот. Ние како Северна Македонија нашата позиција ја градиме во тесна комуникација со нашите евроатлантски партнери. Само да посочам дека нашиот став во однос на руската инвазија врз Украина е дека е инвазија, агресија на суверена држава и ние во неколку наврати сме пружиле не само дипломатска, туку и воена и хуманитарна помош“, вели министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одговарајќи на прашањето дали на сцена е примирје во руско-ункраинскиот конфликт или имајќи предвид сликите што ги видовме со Путин во воена униформа може да следува разгорување на војната.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

Муртезани смета дека сите иницијативи од претседателот на САД, Доналд Трамп, се позитивни знаци коишто треба и може целиот овој конфликт да го завршат со договор којшто ќе воспостави мир.

„Нормално дека никој нема волшебно стапче. Ние видовме како почна и како се движи процесот во моментов, но со секој изминат ден, како што се вклучуваат различните страни, мислам дека изгледите се големи брзо да имаме мирно решение во Украина, додава Муртезани.

Говорејќи за македонското коспонзорство на резолуцијата на САД во ОН поврзана со Украина и како тоа би се одразило на аспирациите на Северна Македонија во однос на проширувањето на ЕУ, Муртезани вели дека ние во однос на таквите прашања треба и во иднина околу таквите прашања да стоиме како што стоел целиот регион.

„Ние имаме стратешка цел да станеме членка на ЕУ и имаме стратешки договор со САД. Тие процеси не се спротивни едни на други туку се поврзани и ние можеме истите процеси да ги тераме напред заедно, особено поради фактот што позициите на ЕУ и на САД во однос на стабилноста, мирот, просперитетот на Западниот Балкан не се косат, туку малтене се исти.

-Во ваква политичка консталација нас како држава и регион ни се овозможува простор со заедничка координација со нашата стратешка цел – ЕУ и нашиот стратешки партнер САД да најдеме заеднички став, притоа носејќи ги напред двете стратешки цели, вели Муртезани.

Муртезани вели дека верува во скората остварливост на процесот на проширување на ЕУ и додава дека има еден факт кој што ги побива сите тези на евроскептицизмот, дека Европа не не сака и дека ние не сме заинтересирани.

„Тука е Планот за раст за земјите од Западен Балкан и конкретно Северна Македонија. Европската унија за три години доделува шест милијарди евра за регионот – стриктно со иницијативи и чекори коишто го зајакнуваат и поврзуваат регионалниот пазар со единствениот пазар – ЕУ. Пред неколку дена ние станавме членка на СЕПА (единствената област за плаќање во евра) без да станеме членка на ЕУ и без да го одблокираме процесот на преговори. Има многу други вакви иницијативи коишто градуално нас не вклучуваат де факто да функционираме во склоп на механизмите и институциите на Европа без да станаме членка.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

Говорејќи за податокот дека до пред неколку месеци немањето политичка Влада во Бугарија се користеше како алиби за неможност да се релаксираат односите со Софија, а сега кога во Бугарија има редовна Влада, и за тоа кој ја спречува македонската страна да влезе во директен дијалог со бугарските колеги и да го деблокира проблемот, разликите кои постојат помеѓу двете соседни држави, Муртезани вели дека најголемата пречка е недостигот на доверба.

„Но тоа за коешто ние со дипломатски напори се залагаме е процесот на проширување да го направивме попредвидлив, бидејќи ние имаме повеќекратно искуство со редовни блокади во нашиот процес на пристапување во ЕУ и тоа искуство и тие фрустрации не прават многу повнимателни во однос на проекциите за иднината. Сите информации, можности кои би значеле предвидливост на процесот на преговори и завршување на пристапувањето мислам дека би било добредојдено. Се што ќе значи дека процесот на преговори ќе заврши без притоа да биде блокиран за нас е добредојдено, без притоа да застанем во конкретна формулација или конкретна гаранција.

-Овој процес на блокирање на проширувањето на ЕУ веќе не е само проблем за Македонија. Станува проблем и за кредибилитетот на самото проширување и за кредибилитетот на ЕУ. Во сите инситуции на сите нивоа во Брисел има многу луѓе коишто ги делат нашите грижи и аргументи и коишто сметаат дека овој процес веќе станува редовна пракса во Брисел, вели Муртезани и додава дека исто така многу важно е и успешното спроведување на реформите, бидејќи и да се најде решение со Бугарија нашиот процес повторно ќе биде блокиран, но за тоа самите ќе бидеме криви.“

„Сите блокади до сега не биле предизвикани од нас, затоа ние сакаме тоа што во Брисел е како преамбула – Стриктно, но коректно, спремни сме тоа да го тераме и се што е поврзано со зајакнување на здравјето на демократијата, на правната држава, на зајакнувањето на економијата, спремни сме да го изодиме, но не со блокади коишто не се предизвикани од нас и уште помалку коишто не се поврзани со процесот на преговори“, потенцира Муртезани.

Фото: Трилинг / проф. д-р Ана Чупеска

„Забелешката на секој нормален граѓанин во земјава е дека нешто длабоко со судството не е во ред и дека нему му се потребни реформи. И за мене лично, и на ниво на партија, и како професионалец ова е многу болна тема. Зошто? Затоа што од независноста, ефикасноста, интегритетот, кредибилитетот на судството зависи степенот на демократијата на едно општество. Не е попусто тоа што некои од демократиите ги нарекуваме правосудни демократии, имено заради важноста на независноста на судството. Но и оваа интерпелација ја сметаме за многу опасна работа, затоа што е вонуставно спроведена, вонзаконски спроведена и секој може да забележи дека тоа е школски пример за мешање на Извршната власт во Судската власт, со нејзиното апсолутно мнозинство во Собранието.

-Системот на поделба на власта на независна Судска власт, Законодавна и Извршна власт е темел на секоја демократија и кога имате ситуација да овие две други власти, бидејќи нели сега апсолутното мнозинство е во спрега со Извршната власт, фактички излегуваат од своите уставни надлежности, се мешаат директно во судството. Со тоа не допринесуваат никако за реформи, напротив, допринесуваат во она што го велиме мешање, обратното од тоа што тврдат дека го прават. Они од една страна викаат дека не се мешаат во судството, а од друга страна отворено заплашуваат, отворено пратениците на ДПМНЕ прават јавни линчови со имиња и презимиња на судии и сега Собранието си ги пречекорува своите надлежности под инструкции на Извршната власт и директно упаѓа во системот на поделба на власта со удар во судството. На тој начин не можат да се направат реформи“, изјави во магазинот „Трилинг“, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, за тоа кои беа мотивите на СДСМ да не ја поддржат интерпелацијата за петмината судии членови на Судскиот совет иако и самите како опозиција силно ја критикуваат работата на македонското правосудство како и неажурноста на делителите на правдата и ниската доверба кај македонските судии.

„Ако се сака да се направи суштинска реформа, која што е факт дека е неопходна и потребна, мора да се има темелен пристап. Ништо нема да се направи со разрешување на петте членови коишто имаат своја, ваква или онаква историја, за којашто патем и јас лично сум пишувала и сум ги осудувала по првите скандали кога беше незаконското менување на претседателот на Судскиот совет. Значи тука воопшто не станува збор за бранење на поединечни членови. Ние тоа не го правиме и немаме намера намера да го правиме. Ние го браниме уставниот принцип за поделба на власта на Законодавна, Извршна и Судска. Дали во ВМРО воопшто се свесни што значи институтот Интерпелација и за кого е наменет? Дали во ВМРО-ДПМНЕ свесно ги заобиколуваат законските можности и облигации за разрешување на овие членови според Законот којшто е Lex specialis и кој ја пропишува постапката и начинот за разрешување? Што значи тоа, дека утре ако му текне на мнозинството да ги разрешуваат уставните судии тоа ќе го направат? Значи збориме за принципи. Ние ги браниме принципите на правдата без коишто демократијата не е можна, вели Чупеска и додава – Интепелацијата како институт не е наменета за овој тип на јавни функции.

Фото: Трилинг / проф. д-р Ана Чупеска

Околу македонската надворешна политика и како тоа ВМРО-ДПМНЕ кое до вчера беше антизападно расположен сега стана најголем поддржувач на политиките на Трамп, а социјалдемократите станаа жестоки критичари на „трамповизмот“, Чупеска вели дека СДСМ не е критичар на „трамповизмот“, туку се критичари на надворешната политика без компас која ја демонстрира ДПМНЕ.

„ДПМНЕ тоа што го прави во надворешната политика мислам дека ни петгодишно дете нема да го направи. После 30 години градење на едно стратешко партнерство и давање такви жртви на оваа земја за да бидеме визибилни на меѓународен план, сега имаме, не гаф, туку едно тотално несериозно однесување на нашата дипломатија, премиерот особено, бидејќи нели он прв запоседнува простор.

-Овие скандали, преседани што ги направија во Обединетите нации се крајно непринципиелни, крајно неодговорни, фактички го разнишуваат целиот наш труд во развојот на меѓународната позиција на Македонија и тука нема ништо против Трамп, уште помалку против граѓаните на Америка. И нека биде јасно, ние сме за темелно статешко партнерство со САД, какво што имаме и тоа така треба да продолжи и сме за продолжување на нашиот пат кон членство во ЕУ затоа што ние ги отпочнавме преговорите. Е сега, бидејќи постои тензија на линија Трамп – ЕУ и постојат извесни безбедносни предизвици – во смисла на градење на стратешката автономија на ЕУ и нејзините одбранбени капацитети, трговска војна помеѓу овие два ентитети, што мајка бараме ние својата глава да ја буркаме таму во среде тој проблем, наместо да изградиме мудра, конзистентна и политика од личен интерес, интерес за нашата држава. Светот е во многу деликатна состојба – геополитички, глобално и регионално, ние мораме да бидеме многу внимателни и многу мудри како ќе се позиционираме.

– Да речеме дека ова што го направија со последните потези во меѓународната политика е со добри намери за приближување кон посилниот, па со тоа ние да добиеме подобри позиции во преговарањето со Бугарија и во однос на членството во ЕУ. Прашањето е дали нешто такво видовме? Не! Можеби мотивот им бил добронамерен, но ефектот дава сосема спротивен резултат, вели Чупеска и додава дека во консталација на заострени односи помеѓу Европска унија и Вашингтон тешко е на маса да се стави темата за интеграција на Западен Балкан.

„Не сум сигурна дека тоа може сега да се случи од причина што тензијата помеѓу овие два субјекти е толку голема што на крај на памет не им е спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Затоа голема грешка беше што го испуштивме моментот со уставните измени. Не велам не, дај Боже да се направат дополнителни дипломатски напори ова да дојде повторно на масата и ние како СДСМ се што е подобро решение дефинитивно ќе го поддржиме. Но такво нешто не гледаме дека има“, вели проф. Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ.

Фото: Трилинг / Божидар Спировски

„Пред 20 и повеќе години хакерите беа примарно мотивирани од некој сопствен досег до нешто. Се сведуваше на активисти. Правеа ситни проблеми. Рушеа сајтови или додаваа некаков текст на сајтот, но не правеа ништо малициозно. Тоа беше доволно за нив за да се пофалат во својата средина каде што живеат, работат, контактираат, во својот дигитален свет и дигитални пријатели со тоа „Види колку сум јас добар“.

-Сега работите се осовременија и целта се смени. Ако целта порано беше да се докажеш, сега целта е профит, заработка. Нема веќе хакери односно сајбер стручњаци кои работат на напад само за сопствена корист. Сега се дел од криминални организации, од големи банди кои што инаку работат и трговија со луѓе, коишто буквално заробуваат луѓе, имаат контакт центри на кои на луѓето им се земени пасошите и натерани се да работат во тие контакт центри за да се јавуваат, да мамат, да лажат луѓе. Постојат вакви контакт центри во коишто нивните „вработени“ се уценети. Тоа се криминални банди, опасни луѓе“, вели Спировски и додава дека премногу веруваме на дигиталниот свет.

„Глобално, а посебно луѓето во Македонија не ја разбраа разликата помеѓу нивниот физички свет и дигиталниот свет. Сите бариери што беа пред криминалците во случајот на физичкиот свет, како дистанца, јазична бариера, физичка бариера од типот заклучени врати или друго, лично познавање на контекстот кој сум, кое е моето семејство пред да дојде да ме измами, наеднаш сите тие работи отидоа на интернет. Се за нас е на интернет и се за нас е екстремно лесно достапно за криминалците, ама и за нас. Апликациите, нашиот дигитален свет, намерно прави се да ни биде лесно и достапно за да можеме лесно да го користиме. Тоа е добро, но истата таа леснотија прави да заборавиме колку всушност сме изложени и некој на другата страна од светот може тоа да го злоупотреби. Контекстот е сменет, бариерите паднаа, голем дел од луѓето сѐ уште не внимаваат, сѐ уште ја немаат изградено личната дисциплина дека тоа се случува.

Фото: Трилинг / Божидар Спировски

Говорејќи за тоа кои онлајн измами се најчести денес, Спировски вели дека измамите одат најчесто преку социјалните мрежи.

„Порака до сите гледачи – не верувајте на социјалните мрежи. Не верувајте скоро на ништо што постои на социјалните мрежи. Толку се големи, заработуваат од реклами, криминалецот ќе плати некоја ситна пара на таа платформа за да неговата „реклама“, а всушност измама, биде пласирана. Уште една важна работа – социјалните мрежи не профилираат. Социјалната мрежа знае дека јас сум маж над 40 години којшто живее во Македонија, со високо образование. Ако криминалецот реши да таргетира таква група на луѓе, перфектно ќе не таргетира сите, вели Спировски и додава дека обичниот криминалец пред 20-30 години немаше шанса така да не профилира, немаше да ги најде физички тие луѓе на едно место.

„Имајќи го тоа предвид, внимавајте! На социјалните мрежи не може веќе на ништо да се верува. Што се измамите? Најчестата измама се вика малвертајзинг – лажна, малициозна реклама. Ќе видите реклами за се и сешто, почнувајќи од тоа дека некоја фирма дели 100 машини за перење за само 100 денари. Еклатантен е примерот ама верувајте ми сум го видел на Фејсбук. И луѓе кликаат на тоа. И одат на некоја лажна страна на која што ќе им соберат податоци, ќе ги натераат да платат 100 денари, ќе им ги земат парите од картичката, ќе им ги земат и податоците од картичката, за да можат понатака да ја продатат картичката како информација или да продолжат да крадат од таа картичка.

-Тој малвер којшто ќе го симнеме, едно што ќе ги украде нашите податоци, второ ќе се обиде да влезе веднаш во банкарските апликации коишто ни се или на мобилен или на компјутер за да ги собере парите, ќе ни го криптира дискот за да не уцени да дадеме уште пари, ќе ги шифрира податоците за да ни се недостапни и ќе ни ги украде сите лозинки на сите наши апликации и платформи и понатака ќе продолжи да се шири по нив, потенцира, Спировски.

За тоа како да се заштити нашата приватност во вакви услови, експертот за сајбер безбедност, вели дека „отиде возот за нашата приватност“, бидејќи сите ние повеќе од една деценија ги внесуваме нашите податоци, информации секаде.

„Помалку или повеќе сега се се знае за нас. Постојат платформи кои дури и се легални, кои се викаат дата брокери. Тие продаваат огромни списоци со информации за луѓе со сите нивни информации – од име, презиме, адреса, телефонски број, се што можеле да изгребат по интернет за нас, да го консолидираат, спакуваат и се плаќа стотина долари за 20.000 имиња и контакти, едноставно се знаат за нас“, вели Спировски.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.