
Јаневска: Нема намалување на бројот на студентски стипендии
Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли наводите дека ќе има намалување на студентските стипендии и ги оцени како манипулација обвинувањата на СДСМ, нагласувајќи дека Владата работи на унапредување на студентскиот стандард и подобра распределба на средствата.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли наводите дека ќе има намалување на студентските стипендии и ги оцени како манипулација обвинувањата на СДСМ, нагласувајќи дека Владата работи на унапредување на студентскиот стандард и подобра распределба на средствата.
– Да се прејудицира уште од сега дека се намалени стипендиите е чиста манипулација на политичката партија СДСМ, бидејќи бројот на стипендии не е уреден со законско решение, туку се одлучува на годишно ниво, согласно Буџетот и согласно потребите на државата – објави таа на Фејсбук.
Во објавата се дополнува дека со предложените измени на Законот за студентски стандард се предвидува подобро прераспределување на стипендиите во рамките на квотата која на годишно ниво ја утврдува министерството и предвидува во конкурс, со цел да им се излезе во пресрет на студентите и да имаме стипендии кои се базираат на успех, на потребите на државата и на пазарот на трудот.
– Во последните пет години, квотата за социјални стипендии не се исполнува, односно истите не се доделуваат во бројот кој е предвиден. Тоа е позитивна статистика и не вреди да се напаѓа, имајќи предвид дека станува збор за „социјална категорија на граѓани“. Од друга страна пак, кога квотата од една група не се исполнува, таа не може да се пренесе во друга група и заради тоа остануваа не доделени стипендии – наведува таа.
Воедно, нагласува дека измената на законот дава основа за јасна дистинкција меѓу категориите на стипендии, за кои потоа на годишно ниво, врз основа на Програмата за развој и унапредување на студентскиот стандард и Конкурсите ќе се утврдуваат бројот на стипендии по категорија и износот на стипендијата за секоја посебна категорија.
– Манипулации се и информациите во врска со надоместокот кој го плаќаат студентите за сместување во студентските домови. Во ниту еден член во предлог законските измени не е наведена партиципацијата која ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека таа ќе биде поголема од постојната. И партиципацијата, како и студентските стипендии се утврдува на годишно ниво со Програмата – посочува министерката во објавата.
Воедно, информира дека се работи на ново законско решение со кое платите на вработените во студентските домови ќе бидат преземени, за да се намали товарот врз партиципацијата која ја плаќаат студентите, а од која досега се финансираат платите на вработените во студентските домови.
– Најважно од сé е дека ова лето започнува реконструкција на сите студентски домови, кои по нивното завршување ќе бидат енергетски ефикасни, со подобрен комфор, најсовремена опрема и уредување, со што нема да има студентски дом кој ќе остане не реновиран. Груба манипулација е поделбата на домови за „сиромашни“ и за „богати“, особено кога државата спроведува огромен проект за целосна реконструкција на сите студентски домови – дополнува таа.