Рускиот фудбал и идната сезона суспендиран од УЕФА
Фудбалската репрезентација на Русија, но и сите клубови од оваа земја се суспендирани од сите европски фудбалски натпреварувања и во пресрет на наредната сезона, одлучи Извршниот комитет на УЕФА на денешниот состанок.
Претседателот Александар Чеферин во изминатиот период истакнуваше дека се размислува за давање зелено светло за Русите да се вратат во европскиот фудбал, но по долга дискусија, на крајот било решено суспензијата изречена на 28. февруари да се продолжи и за наредниот период.
Значи руската машка фудбалска репрезентација нема да се натпреварува во Лигата на Нации, а женската репрезентација нема да смее да учествува на ЕП што ќе се одржи во јули во Англија, како и во квалификациите за наредниот мундијал.
Поништени се и кандидатурите за оваа земја да биде домаќин на ЕП 2028 или на ЕП2032 што Русија ги поднесе пред неколку месеци, а воедно е донесена одлука во сите европски натпреварувања да остане забраната за учество на руски клубови за сезоната 2022/23.