Германија може да го преживее ембаргото на руска нафта
„Германија може да преживее ембарго на увоз на руска нафта до крајот на годинава, иако ќе се јават недостатоци“. Ова го изјави министерот за економија на земјата, Роберт Хабек.
Министрите за енергетика на земјите-членки на ЕУ денеска дискутираат на оваа тема во Брисел.
„Успеавме да дојдеме до ситуација во која Германија е во состојба да издржи ембарго на нафта. Тоа сепак нема да биде без последици“ – изјави Хабек.
Минатиот месец Германија го намали увозот на нафта од Русија на 12% од севкупниот увоз, во споредба со 35% проценти пред почетокот на агресијата.
Хабек вели дека главниот предизвик за Германија е да најде алтернативи за увозот на нафта за рафинеријата во Швед која е сопственост на руската државна компанија Роснефт и која ги снабдува источните германски региони и главниот град Берлин со нафтени деривати.
„Се уште немаме решение за рафинеријата во Швед. Не можеме да гарантираме континуирано снабдување. Секако ќе има раст на цените и некои прекини. Но тоа не значи дека ќе имаме нафтена криза“ – рече Хабек.