Бугарската агенција БГНЕС денеска информираше дека за време на ракометниот натпревар помеѓу екипите на Пелистер и на Вардар синоќа во Битола, на трибините во салата „Боро Чурлески“ имало огромни цинични и вулгарни транспаренти против Бугарите.
„И покрај сериозното полициско присуство, ниту еден службеник за спроведување на законот не се обиде да ги отстрани или побара симнување на транспарентите. Досега ниту спортската федерација ниту Министерството за спорт не го осудиле чинот. Немаше реакција од политичките партии, како и од МНР на Бујар Османи“ – велат од редакцијата на БГНЕС.
На еден од транспарентите, пишуваше дека „пред 20 години во Скопје го уништивме Радко“, кое е првото бугарско здружение во земјава.
Радко е и еден од псевдонимите на Иван Михајлов.
„Начинот и стилот на пишување на транспарентите потсетуваат на оние со кои беа изработени антибугарски транспаренти при посетата на бугарската делегација на Битола на отворањето на Центарот за култура „Иван Михајлов“ пред две недели“ – посочуваат од БГНЕС.