Владата во Шпанија денеска соопшти дека мобилните телефони на премиерот – Педро Санчез и на министерката за одбрана – Маргарита Роблес биле прислушувани со помош на шпионски софтвер „Пегасус“.
Аферата ја објави портпаролката на Владата – Изабел Родригез и министерот во Владата – Феликс Болањос на прес-конференцијата одржана утрово.
„Кога велиме надворешни упади, сакаме да кажеме дека ниту една официјална агенција нема правосудна надлежност. Затоа ги класифицираме како нелегални и надворешни“ – рече Болањос.
Повикувајќи се на извештаи од Националниот центар за криптологија, тој рече дека два упади во мобилниот телефон на премиерот се случиле во мај 2021 година, а во мобилниот телефон на министерот за одбрана во јуни 2021 година.
Хакерите извлекле голем број информации од телефонот на премиерот – 2,6 гигабајти во првиот упад и 130 мегабајти во вториот.
Од мобилниот на министерот биле извлечени само 9 мегабајти.