Одобрени 231.900 барања од албанската дијаспора, за гласање на парламентарните избори

Одобрената бројка е над двапати поголема од очекувањата, зашто како што претходно информираше комисијата, очекуваше таа бројка да биде нешто повисока од 100 илјади.

Централната изборна комисија на Албанија објави дека за претстојните парламентарни избори, што ќе се одржат на 11 мај, прифатени се барањата на 231.900 албански граѓани кои живеат во странство.

-Од 11 јануари кога почна пријавувањето на Платформата за електронска регистрација (ПЕР) за учество на парламентарните избори, па се до 4 март на полноќ примени се 294.155 барања за регистрација, при што до денес одобрени се 231.900. На  42.033 барањето им е одбиено, додека 20.222 барања се во постапка на разгледување. По регистрацијата соодветните служби во рок од пет дена треба да потврдат дали барањето е одобрено или одбиено,  информираа од комисијата.

Одобрената бројка е над двапати поголема од очекувањата, зашто како што претходно информираше комисијата, очекуваше таа бројка да биде нешто повисока од 100 илјади.

Гласачите на дијаспората, ќе ги добијат гласачките ливчиња на домашна адреса а поштарината ја плаќа ЦИК. За оваа намена ќе бидат потрошени  12,5 милиони евра.

Инаку, најголем број одобрени барања се од Италија, 86.527, потоа Грција, 62.597, Германија, 24.436 и САД, 20.094.

Што се однесува по изборни единици(вкупно 12), најголем број одобрени барања има во ИЕ Тирана со 49.440, потоа Фиер со 30.702 и Драч со 23.802.

На 11-те по ред парламентарни избори по падот на комунистичкиот режим, правото да гласа, албанската дијаспора го остварува по првпат.