Ванделт: Ќе продолжиме да градиме мостови меѓу Германија и С. Македонија

Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, денеска порача дека и покрај сè посложената глобална средина, ќе продолжат да градат мостови меѓу Германија и Северна Македонија.

Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, денеска порача дека и покрај сè посложената глобална средина, ќе продолжат да градат мостови меѓу Германија и Северна Македонија.

„Веќе 25 години од нашата канцеларија во Скопје ја зајакнуваме и продлабочуваме економската соработка меѓу нашите земји. Во овие изминати години, придружувавме многу германски компании во нивната потрага по локации за инвестирање и основавме голем број на компании во Северна Македонија, а ги поддржавме и во надминување на нивните предизвици“, вели Ванделт во електронската порака до медиумите.

Таа посочува дека заедно со локалните партнери, воспоставени се партнерства со компании во Северна Македонија, Албанија и Косово кои придонеле за трансфер на иновативни и одржливи технологии.

„И ќе продолжиме да го правиме тоа. Дури и во сè посложената глобална средина, како што покажа Минхенската конференција за безбедност минатиот викенд, остануваме убедени дека отворените пазари и економската соработка заснована на транспарентност и правичност, се основа за стабилност и раст“, нагласува Ванделт, додавајќи дека како АХК сакаат да дадат придонес за натамошно проширување на економската соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Косово со Германија.

Таа вели дека градењето мостови бара тимска работа, и за таа цел се фокусираат на тесна и блиска соработка на нивната мрежа со локалните германски комори (IHK) и германските комори во странство (AHK), како и со здруженијата и институциите од јавниот сектор во Германија, Северна Македонија, Албанија, Косово и регионот.

„Спремни сме да изградиме нови мостови. Некои од нив ќе се реализираат во Магдебург, Берлин, Скопје, а исто така и онлајн во наредните недели. Заедно можеме да ги поминеме овие мостови – да ги надминеме предизвиците во нашите земји и да растеме заедно“, порачува директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт.