Македонскиот бизнисмен Јордан Камчев со спогодба признал вина за случајот „Империја“ и е осуден на 1 година затвор. Ова го изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска во емисијата „Топ тема“ која денеска ќе се емитува на тв Телма.
Според информациите што ги соопштува Русковска, покрај затворската казна, Камчев ќе уплати и 5,1 милион евра во државниот буџет преку УЈП.
„Предлог-спогодбата беше верификувана од судија на претходна постапка. Ова значи дека нема да се води постапка против него, а тој се согласи на казна од една година затвор“ – вели Русковска во емисијата.
Истрагата за овој финансиски случај заврши и според најавите на обвинителката Лиле Стефанова, до крајот на мај може да се очекува обвинение за случајот.
Во рамки на „Империја“ на 15. април Обвинителството поднесе и барање за замрзнување на имот. Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје го прифати, а потоа одлуката беше потврдена и од кривичниот совет во овој суд.
Предметот претходно беше во рацете на СЈО, па во 2018 година имаше информација дека во овој предмет осомничени се: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Кривичните дела кои тогаш ги наведе СЈО како предмет на истрагата беа злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.