Црна Гора има нова Влада, Абазовиќ е новиот премиер!

Пратениците во Собранието на Црна Гора со мнозинство гласови денеска избраа нова Влада предводена од Дритан Абазовиќ, кој во претходната беше вицепремиер.

Се работи за малцинска влада, што е прва ваква влада во историјата на Црна Гора.

Во неа партиципираат Обединетата реформска акција (УРА) на Абазовиќ, како и претставници на помалите партии што ги претставуваат Хрватите и Бошњаците, Социјалдемократската партија и просрпската Социјалистичка народна партија.

Новата влада доби поддршка и од опозициската Демократската партија на социјалистите предводена од претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ.

Новиот премиер рече дека Владата ќе се заснова на главни столба – владеење на правото и економски развој. Како приоритетни тој наброја пет области: борба против корупцијата, поодржливи инвестиции, интеграција во ЕУ, одржлив развој и заштита на животната средина како и афирмација на децата и младите.

„Сите членови на владата се должни да се занимаваат со иднината на Црна Гора, а не со нејзиното натамошно заробување во минатото“ – рече Абазовиќ.

Во владата на Абазовиќ има четворица вицепремиери и вкупно 18 министерства.