Попладнево македонското Министерство за образование и наука ја поздрави одлуката на СОНК да го стави штрајкот во мирување и од утре да започне наставата во основните и средните училишта. Оттаму велат дека се подготвени да го продолжат дијалогот.
„Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај“ – велат од МОН.
Додаваат дека ќе бидат партнери на синдикалните организации и се отворени за соработка и размена на мислења и ставови за да подобрат условите за просветните работници, а со тоа и да се зголеми квалитетот во образованието.