![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/murtezani-kos-750x430.jpg)
Муртезани и Кос разговарале за уставните измени
„Соговорниците разменија мислења и за уставните измени во контекст на предизвиците на европскиот пат. Тие констатираа дека добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија и дека сите решенија треба да бидат во согласност со волјата на граѓаните“, велат од Министерството за европски прашања.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел ја заокружи дводневната посета на ЕУ со средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Во фокусот на нивниот разговор биле реформите и Планот за раст на Западен Балкан, а се зборувало и за уставните измени, соопштија од Министерството за европски прашања (МЕП).
„Соговорниците разменија мислења и за уставните измени во контекст на предизвиците на европскиот пат. Тие констатираа дека добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија и дека сите решенија треба да бидат во согласност со волјата на граѓаните“, велат од МЕП.
Уставни измени со кои Бугарите ќе се внесат како една од заедниците во преамбулата на македонскиот Устав, е услов за Северна Македонија да ја одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ и да ги отвори првите поглавја од преговорите.
Муртезани, претходно во текот на денот од Брисел рече дека од бугарска страна има сигнали за подготвеност за дијалог. Како што пренесе државната агенција МИА, тој изјавил оти претставникот на Бугарија во Работната група за проширување на ЕУ му пренел оти Бугарија е подготвена за разговори.
„Мислам дека се создава добра средина, којашто мора да ја искористиме не само да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедските односи, туку и простор што ќе нè води кон заедничко прифатливо решение, кое конечно ќе нè внесе во ЕУ“, изјави Муртезани.
Од Министерството за европски прашања посочија дека Муртезани ѝ го презентирал на Кос напредокот на земјата во спроведувањето на реформската агенда која е во рамки на Планот за раст.
„Подготвени сме да преземеме неопходни реформи и да се фокусираме на принципиелни решенија кои ќе бидат во интерес на државата и сите нејзини граѓани“, рекол на средбата Муртезани.
Министерот Муртезани денеска имаше средба и со Оливер Ропке, претседател на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), на која се разговараше за улогата на економско-социјалните партнери и граѓанското општество во евроинтегративниот процес.
Министерот Муртезани ја поздрави иницијативата на ЕЕСК за подлабока вклученост на граѓанскиот сектор, синдикатите и стопанските комори во процесот на проширување и истакна дека инклузивноста и широкиот општествен дијалог се клучни за успешно спроведување на реформите поврзани со европската интеграција. Тој нагласи дека Северна Македонија веќе има развиени механизми за вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики, вклучително и процесот на европска интеграција, но дека е потребна поконкретна соработка и со европските институции за продлабочување на оваа соработка.
Преземено од Фокус