Владата ќе купува авион од стотина милиони евра а решението за лекови на Онклогија го бара преку донации. Ова што се случува едноставно не е нормално, велат од СДСМ.
„Цела недела нема лекови на Онкологија кои се животно потребни. Пациентите од цела Македонија се соочуваат со недостиг од онколошка терапија, недостаток на здравствен кадар и неприфатливи услови за лекување.
Овој хаос во здравството е јасен показател за неспособноста на премиерот Мицкоски и министерот Таравари да се справат со потребите на граѓаните и да го подобрат здравствениот систем. Ветените реформи и подобрувања останаа празни зборови и куп лаги“ обвинуваат од опозициската партија.
Оттаму ја обвинуваат власта за трошење на парите на граѓаните за луксуз, мебел, авиони и скапи патувања.
„Власта веднаш треба да се откаже од аздисаното трошење на парите за луксузирање на владините функционери и да ги насочи кон реални потреби на луѓето. Го повикуваме Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување итно да преземат мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти.
Бараме итно зголемување на здравствениот кадар и подобрување на условите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Животите на граѓаните не смеат да бидат предмет на неодговорност и игнорантност“ порачаа од СДСМ.