Опозицискиот СДСМ обвини за скандалозен избор на судијката Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип за нов член на Судскиот совет од редот на судиите. Избрана е, како што велат, сопругата на актуелниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов.
Од партијата оценија дека нејзиниот избор е обид за поставување контролирано, партиско судство кое, како што велат, нема да им служи на граѓаните, туку на интересите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо реформи гледаме брутална партизација на судството, дури и окупација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш кога е на власт имала една единствена цел, ставање на судството по контрола и сега тоа го докажува на дело“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип беа избрани за нови членови на Судскиот совет по изборите кои вчера се одвиваа во изборните места во сите судови ширум земјава.
Судијата Аритон Ала бил единствениот кандидат на изборната листа за избор на член на Судскиот совет од редот на судии од посебна листа на кандидати. За избор на член на Советот од апелациското подрачје Штип, пак, имало пет кандидати, а судијката Данка Ристова добила најголем број гласови.
Судиите Аритон Ала и Данка Ристова избрани за нови членови на Судскиот совет