Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска донесе одлука за укинување на контролите на патниците на копнените граници на Бугарија и Романија со земјите од Шенген зоната од 1 јануари 2025 година.
– Ова е историски момент. Бугарија и Романија конечно стануваат полноправни членки на Шенген зоната, изјави унгарски министер за внатрешни работи Шандор Пинтер.
Според него, укинувањето на контролите на патниците на внатрешните копнени граници меѓу двете земји и останатите членки на Шенген зоната беше еден од главните приоритети на унгарското претседателство со ЕУ.
– Денеска тоа го направивме реалност. Овој чекор ќе биде од корист не само за бугарските и романските граѓани, туку и за ЕУ во целина, додаде Пинтер.
Бугарија и Романија беа примени во Шенген зоната на 31 март година, но при тоа беа укинати само контролите на внатрешните воздушни и водени гранични премини, додека и натаму останаа во сила проверките на лицата кои ги минуваа копнените граници меѓу двете земји и останатите Шенген држави.
Во одлуката на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ за целосно укинување на копнените гранични контроли се наведува дека од нивното пристапување кон Унијата, Бугарија и Романија применуваат делови од правната регулатива на Шенген зоната, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на контролите на надворешните граници, полициската соработка и користењето на шенгенскиот информациски систем.
Шенген зоната е најголемата област на слободно движење на стоки и патници во светот. Таа е воспоставена во 1985 година со укинување на граничните контроли меѓу Белгија, Германија, Луксембург, Франција и Холандија. Денес правилата за слободно движење во Шенген зоната важат во 29 земји – сите членки на ЕУ со исклучок на Ирска и Кипар, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија и таа се протега на територија на која живеат 420 милиони луѓе. Кипар официјално е дел од областа, но контролите на неговите внатрешни граници кон ЕУ се уште не се укинати, додека Ирска воопшто не е членка од Шенген зоната.