Премиерот на Грција – Кирјакос Мицотакис соопшти дека минималната плата во Грција ќе се зголеми за 50 евра, односно од 663, од следниот месец, ќе изнесува 713 евра и се однесува на над половина милион граѓани.
Тој рече дека секојдневно среќава граѓани, особено млади кои примаат минимална плата кои се загрижени за поскапувањата на цените на струјата, на продуктите во супермаркетите, но и на горивата, поради меѓународната енергетска криза и војната во Украина и додаде дека платите сè уште се многу ниски во Грција.
„Токму на нив се однесува мојата денешна одлука. Од 1 мај основната плата се зголемува за 50 евра месечно. Од 663 се искачува на 713 евра. Износ кој во комбинација со првата јануарска рата е еднаков на вкупно зголемување од 9,7 отсто во однос на минималната плата од 2021 година. Едноставно кажано, речиси 650.000 вработени во оваа категорија ќе добија повеќе од дополнителна нето плата годишно. На нивниот приход отсега се додава 15 плата. Директното зголемување на минималната плата за 50 евра е одлука на одговорност и солидарност. Живееме во тешки времиња. А мојата главна грижа е да не се наруши нашата социјална кохезија“ – рече Мицотакис.