Зејтин ќе има, ама со цена меѓу 130 и 150 денари за литар!

„Цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,20 – 2,40 евра или максимум 2,50 евра и ова цена ќе се задржи, особено по празниците. Ќе има и доволно количини масло за јадење во маркетите. Граѓаните не треба да стравуваат, ниту да купуваат повеќе за да трупаат залихи“.

Ова денеска го изјави генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес – Горан Лазов.

„Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење. Нема потреба граѓаните да прават залиха, ќе има доволно зејтин на пазарот“ – истакна Лазов по средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски кои ја посетија фабриката.

Според Лазов, во Бугарија цената на зејтинот е 180 денари или 6 лева, а во Грција околу 4 евра.

Министрите за економија и за земјоделство соопштија дека снабдувањето со сончоглед е стабилно и дека државата во континуитет увезува сурово масло, потребно за домашните каацитети, но има и зејтин за потрошувачка.

„Почна увозот на рафинирано масло од соседите, но се увезува и од други држави со оглед дека ја укинавме царинската стапка од 29 отсто“ – истакна Бектеши.

Според министерот Николовски, и очекувањата на менаџменот на „Кристал“ се дека годинава двојно ќе се зголемат површините под сочоглед, а со тоа и количините на суровина за масло за јадење.