Мицотакис и Андрулакис се согласија дека е потребно да имаат отворен канал на комуникација
Важноста да постои отворен канал на комуникација со опозициската партија, ја истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, кој посочи дека е потребен искрен дијалог.
Важноста да постои отворен канал на комуникација со опозициската партија, ја истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, кој посочи дека е потребен искрен дијалог, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер и лидерот на ПАСОК денеска се сретнаа во Парламентот, што воедно е прва нивна средба откако Андрулакис беше избран (прет три години) и реизбран (во окктомври) за претседател на Социјалистичката партија, која според истражувањата на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг, но и по оставките на пратеници од СИРИЗА и официјално е втора политичка сила во земјата, односно главна опозиција.
На почетокот на средбата, Андрулакис го праша Мицотакис за вчерашната негова средба со британскиот премиер во Лондон и истакна дека за ПАСОК е важно повторното обединување на Мермерите од Партенон за што изрази подготвеност да помогнат, за како што рече, „да се постигне оваа национална цел“, а грчкиот премиер истакна дека со Стармер разговарале за сите теми, меѓу кои „и за познатото прашање и сега го чекаме развојот на настаните“.
Мицотакис изрази задоволство за денешната средба со Андрулакис и посочи дека потребно е да постои комуникација со лидерот на ПАСОК.
-Очигледно не е работа на опозицијата да се согласува со власта, би било многу чудно тоа да се случува доста често, но мислам дека имаме обврска да имаме отворен канал за комуникација и на лично ниво и секогаш искрено да разговараме за прашањата што треба да бидат и предмет на билатерална дискусија. Се надевам дека ќе имам ваква искрена комуникација секогаш кога ќе биде потребно, истакна Мицотакис.
-И поради моето претходно искуство во Европскиот Парламент, мислам дека единствениот начин за да одиме напред е консензусот, но со искрен дијалог каде што за предизвиците ќе ги поставиме вистинските факти и ќе видиме, секој од своја идеолошка гледна точка, како може да придонесе, рече Андрулакис.
Извори од ПАСОК за грчките медиуми брифирале дека средбата што траела еден час и 15 минути била продуктивна и Мицотакис и Андрулакис разговарале за сите теми што ги засегаат граѓаните, односно поскапувањата на цените, демографското прашање, надворешната политика (Западен Балкан, Турција, случувања на Блискиот Исток), како и прашањата поврзани со владеењето на правото.