Николоски: СДСМ си поигрува со животниот стандард на наставниот кадар!

„Потсмевање со наставниот кадар и со сите кои протестираат, затоа што 10% покачување во образованието за да и е јасно на јавноста е некаде од 1.800 до 2.400 денари, па нека размислат дали со толку дополнително може да се преживее месецот во услови кога млекото е поскапено за 60%, маслото за 100%. Ако порано за 1000 денари се излегуваше со полни торби од маркет сега за толку не може да се купат повеќе од 5 производи“.

Ова вечерва на тв Сител го изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека власта си поигрува со животниот стандард на наставниот кадар и затоа е оправдано да продолжат да штрајкуваат.

„Исто така сакам да изразам поддршка на Конфедерацијата на слободни синдикати и на нивниот протест на 26 април, затоа што сметам дека апсолутно се оправдани барањата затоа што со овие плати во услови на вакво поскапување не се живее. Главен виновник за поскапувањата е владата, затоа што криза и војна има за сите држави, но не во сите држави, други и во нашето опкружување има вакви лоши услови“ – рече Николоски.

Тој посочи дека Македонија по сите параметри ќе заврши како најлоша држава, со дефицит на буџетот од некаде над 8% и инфлација која може да оди до 10%, што значи енормно поскапување и затоа се оправдани барањата на СОНК и наставниот кадар и на КСС, и на сите останати.