Јаким Неделков – претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование – Јетон Шаќири, но немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.
„За жал не. Разговорот беше во правец на попуштање на тврдото „не“ и во правец да се изнајде уште некој процент за да може ние во членството да побараме штрајкот да се стави во мирување или да се прекине. Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди. Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи“ – изјави Неделков за државната МИА.
Шаќири претходно изјави дека на седница на Влада денеска ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до СОНК и соопштени во јавноста.
За повиците од МОН и МТСП да го прекинат штрајкот кој денеска е во седмиот ден, вели дека како претседател на синдикатот нема моќ да ги убеди членовите на СОНК да излезат од штрајкот.
„Бидејќи јас не одлучувам да се прекине штрајкот. Одлучуваат тие што штрајкуваат. Јас сум само тој што ги претставува нивните интереси“ – рече претседателот на СОНК.