Живко Мукаетов останува претседател на РФМ
Живко Мукаетов – актуелниот претседател на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов останува на функцијата и покрај неодамнешните најави за негово повлекување.
Тој на денешната седница на Управниот одбор на РФМ ги информирал присутните дека последните случувањата во македонскиот ракомет го премислиле и дека останува со посветена работа да се постигнат нови успеси.
„Пред неколку месеци најавив повлекување од претседателското место во РФМ и оставање простор за нови луѓе кои ќе ја предводат федерацијата. Сепак, по последните настани, по сета оваа енергија која ја имаме во ракометот. Мислам дека периодов не е најповолен за повлекување. Ни следуваат обврски како организација на Европско првенство кое се намачивме да го добиеме, имаме кадетско светско првенство. Стојам на мојот став дека во овој Управен одбор има капацитет. Знаеме дека од надвор има мераклии за да ја водат федерацијата, но тоа не е лесно. Политиката треба да се држи надвор од спортот и од ракометот. Сакам да потврдам дека продолжуваме заедно да го водиме ракометот кон нови успеси“ – порача Мукаетов.
Тој е претседател на РФМ од 2013 година.