Зибери: Ако се судрат две права, предност треба да има правото на детето!

Народниот правобранител примил 4-5 претставки, поплаки од родители зошто не се во можност децата да ги пратат во училиште, особено за сместување во градинките, откако започна штрајкот во училиштата и градинките.

Народниот правобранител – Насер Зибери соопшти дека сите претставки се поплаки зошто нема настава, но нема претставки за попречување на штрајкот.

„Значи, се работи за паралелно, со Устав гарантирани права. Но во ваква ситуација, според меѓународните документи и Конвенцијата за правата на детето, во случај на судир на две права, предност треба да се даде на правата на детето, што значи не треба воспитно-образовниот процес да трпи последици“ рече Зибери.

Тој истакна дека и порано се залагал да се подобри материјалниот статус на вработените во образовниот сектор и дека треба да се внимава на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образованието.

„Ова подразбира подобрување на нивната материјално-финансиска состојба. Затоа апелирав до Владата да ги продолжи преговорите со синдикатите на вработените во образованието, да се најде решение за да нема последици во образовниот процес. Правата на детето и правото на образование не смеат да трпат последици“ смета Зибери.