Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент – Илхан Ќучук смета дека „Софија треба да ја ревидира позицијата кон Скопје“.
Според него, евроинтеграцијата на С. Македонија и другите балкански земји може само да придонесе Бугарија и целиот регион да се чувствуваат посигурни, особено во ситуација на воен конфликт на европскиот континент.
„Стратешки интерес на Бугарија е да се граничи со демократски земји кои можат да обезбедат простор на безбедност, просперитет и можности. Другото не можам да си го објаснам. Секогаш тенденциозно им се дава гласност на луѓето кои сакаат Северна Македонија да не биде дел од Европската Унија. Политиките треба да се градат на малку подолг временски период. И ако погледнеме низ оваа призма на односите меѓу Софија и Скопје, ми се чини дека ќе најдеме многу посериозни аргументи Република Северна Македонија да биде дел од Европската Унија“ – вели Ќучук.
Ќучук посочува дека е тешко да им се објасни на европските партнери кои се причините за запирање на патот на С. Македонија кон Европската Унија, особено откако од Бугарија произлезе идејата за нејзино проширување кон Западен Балкан.
За Илхан Ќучук, европските гаранции се единственото решение за отворените прашања.